И граѓаните и возачите како да забораваат на пристојното однесување. И едните и другите се однесуваат како автобусите да се во нивна сопственост.

-Секојдневно сум сведок на непристојно однесување додека чекам превоз на автобуската постојка, особено на оние од помладата генерација, бидејќи чекам автобус во близина на училиште од кое учениците како стампедо, трчајќи во галоп, влегуваат во автобусот туркајќи се еден со друг и не внимавајќи дали некого ќе удрат или бутнат. Тие чепкаат и по автобусот на места кои не се дозволени за нив, си играат со држачите на столовите, се тепаат кој попрв да седне. Почесто почна да се случува и да упатуваат непристојни коментари кои не им доликуваат, давајќи си преголема слобода да се обраќаат на таков начин. Се надевав дека со новите автобуси ќе се промени и културата кај сите, па ќе почнат да се однесуваат како што доликува. Кај нас е просто невозможно да читаш книга во автобус. Наместо да го зачуваме она што е ново, ние се трудиме да го уништуваме, вели жител од Козле.

Фрлање на амбалажа на подот или меѓу седиштата, фалат лајсни кои се гледа дека намерно се откорнати, има чкртаници и оштетувања на седиштата...

Од ЈСП велат дека стравот од злоупотреба ги натерал да ги отстранат и сите чекани за кршење на стаклото кои мора да стојат на видливо место и да се употребат во случај на несреќа.

Бонтонот во автобусите го прекршуваат и возачите. Дел од нив пуштаат турбо-фолк музика, некои зборуваат на телефон додека возат или пак на разминување на два автобуса си застануваат и си прават приватни муабети со колегата.

Во Кодексот на однесување на вработените во ЈСП децидно е наведено дека секој вработен е должен клиентите да ги опслужува со ведар лик и насмевка, да се однесува со почит и на клиентите да им се обраќа со персирање, сепак старите навики продолжуваат, возачите да се расправаат со патниците.