Зошто нѐ привлекуваат луѓе кои не се добри за нас?

Постојано си го поставувам ова прашање: „Зошто ме привлекуваат луѓе кои не се добри за мене?“  А одговорот е изненадувачки, но многу едноставен. Ранетиот и повредениот дел од мене е оној кој ги привлекува. Знам дека поимот „повредениот дел од мене“ може да звучи малку интензивно, но ќе објаснам: Сите имаме два дела во својата душа: ранетиот дел – чувствата, умот, егото, а вториот дел е душата. 

Ранетиот дел од вас е делот во вас кој се чувствува нецелосно и ја доведува во прашање вашата вредност: не се чувствува целосно или се чувствува погрешно на некој начин. Мојот ранет дел е делот кој се прашува дали некој може да ме сака.

Од друга страна ја имаме нашата душа. Тоа е вистинскиот дел од нас кој е споен со љубовта, вистината, мудроста и мирот. Нашата душа знае колку вредиме и колку заслужуваме љубов. На многу начини таа се разликува од егото. 

Во секој момент ние дејствуваме од еден од тие два дела.  Многумина од нас, за жал, поголемиот дел од времето дејствуваат од делот со кој управува егото. Ние веруваме дека сме немоќни и безначајни и се обидуваме да го надоместиме тој недостаток. Егото бара надворешни работи за да пронајде потврда за својата вредност. Верува дека откако ќе добие повеќе: пари, подобар партнер, подобра работа, подобра куќа, повеќе одмор, итн. – дека тогаш конечно ќе биде среќен. Но, никогаш не станува целосно среќен – барем не за долго. 

Природата на егото е да се чувствува нецелосно. Па затоа, кога живеете од перспективата на своето егото, предодредени сте да се чувствувате како нешто да ви недостасува. Таквиот живот не е баш забавен. Егото силно се активира кога станува збор за романтичните врски, затоа што најмногу нѐ повредуваат тие. Сите сме биле повредени во врска, го носиме сеќавањето на овие рани и кога старееме. Понекогаш и несвесно. Ако некоја рана од младоста и натаму е активна во вас, вие ќе привлекувате луѓе кои го поттикнуваат истото чувство. 

На пример, ако во детството или младоста сте се чувствувале невидливи или одбиени, најверојатно ќе чувствувате слични чувства во вашите односи како возрасна личност. Несвесниот дел од вас е програмиран да привлекува луѓе кои ги активираат вашите рани. Причината за тоа е вашиот развој. Тоа е фрустрирачкиот дел од развојот. Но, гледајте го тоа на овој начин: Кога се појавуваат вашите рани, вие конечно ќе можете да ги исцелите. Не можеме да исцелиме нешто што не го гледаме или чувствуваме. Неудобното чувство мора да дојде на површина за да можеме да го надраснеме. 

А како го надраснуваме? Идентификувајќи се со својата душа. Запомнете дека вашата душа е делот од вас кој ја знае вистината за вас. Знае дека сте достојни, неверојатни, способни и моќни. Од перспективата на вашата душа, вие сте целосни. Да, вие сте несовршено човечко суштество со мани, но поголемата вистина е дека вие сте душа. 

Вие сте убави.
Вие сте важни.
Вие сте посебни.
Вие сте љубов.
Тоа е она што душата го знае за вас и сака и вие тоа да го знаете. 

Кога ќе ја прифатите вистината на вашата душа, одеднаш ќе сфатите дека „погрешните“ луѓе биле само учители кои ве турнале кон „вистинската“ состојба на ум. Состојба на ум која не ја доведува во прашање вашата вредност. За жал, ништо не нѐ поттикнува на развој како што тоа го прави скршеното срце.

Вашата душа сака да се идентификувате со неа, таа сака да сфати што сте и кои сте вие. Пронајдете ја повторно љубовта во вас и ќе ги поправите сите ваши врски – одвнатре кон надворешноста.

~ Шели Булард