Зошто неверојатно многу уживам во божиќни и новогодишни филмови?

Ние сме на почеток на декември, но јас веќе ги изгледав речиси сите божиќни и новогодишни филмови. Во ова време, овие филмови се едно чудно задоволство кое ми дава некаков мир и спокој.

Некој ќе се праша што има толку посебно во овие филмови... 

Ништо. Апсолутно ништо. 

Глумата е потпросечна, некогаш дури и ужасна, сценаријата се клише и лошо напишани, приказната е речиси иста во секој од нив, а и нема некакви којзнае какви пораки, а уште помалку квалитет. 

Сигурно се прашувате: Е па зошто тогаш ги гледаш, па уште назгора и уживаш во нив?

Затоа што тие се нешто како брза храна, бурек во два наутро после диско, гумени бонбони и чоколадо додека си на диета. Знаеш дека не е квалитетно, ниту е паметно, но не можеш да одолееш.

Во овој свет на збрки, хаоси, секојдневни сивила и црнила, обврски, негативна енергија, овие филмови и покрај сите мани те префрлаат во некој магичен свет каде што сите печат колачиња, пеат песни, цело време се насмеани, лошите мигови им траат 4 минути, луѓето се сакаат и си помагаат и секако, љубовта на крајот секогаш победува.

Иако овие работи се речиси целосно неостварливи во светот во кој живееме, некогаш токму тоа и ни е потребно. Мала надеж, оттргнување од сивилото, замислување на еден свет каде ги нема оние работи со кои се соочуваме.

Сакам да гледам тешки филмови, квалитетни, филозофски, кои навлегуваат во длабочината на човековата душа, но има периоди кога сакам да се чувствувам убаво. Кога не сакам да мислам. Кога денот натежнал на моите рамена, кога се чувствувам дека секојдневието ми е гуша, тогаш овие филмови ми ја смируваат и хранат душата. 

Во свет каде сè помалку има љубов и дружење, но и солидарност, божиќните филмови ми ја даваат дневната доза добрина која ми е потребна. 

И не ми е срам да признаам, напротив гласно го кажувам тоа. 

Сакам да се фаќам за секоја трошка среќа и оддишка која можам да ја најдам, а ова е еден од начините.

Обидете се и вие!