Понекогаш се случува да сретнеме личност и веднаш да ни стане драга.

Photo by Asad Photo Maldive
Без посебна причина. Без некакво логично објаснување. Другпат, некој може да ни зборува со почит, да биде љубезен, а ние сѐ уште да чувствуваме одбивност. „Не знам што е, ама не ми лежи“, ќе кажеме. И навистина – тоа чувство е вистинито, само што не секогаш знаеме од каде доаѓа.
Човечките односи не се математичка формула. Нема едноставно збир на карактеристики што, кога ќе се поклопат, гарантираат допаѓање. Напротив, најчесто допаѓањето се случува преку телото, преку енергијата, преку некоја невидлива врска што ја чувствуваме уште пред умот да почне да размислува. Ова го нарекуваме "хемија", "инстинкт", "внатрешен глас", а научно може да се поврзе со мириси, тон на глас, говор на телото, или дури и потсвесни асоцијации од нашето минато.
Photo by Asad Photo Maldives
Во секојдневието, ова чувство игра голема улога – при избор на пријатели, соработници, партнери. Можеме да ја слушнеме реченицата: „Со него одма си кликнавме“ или „Од почеток не ми мирисаше“. И најчесто, тие први впечатоци се покажуваат точни. Телото нè предупредува или нè приближува, уште пред да сфатиме зошто.
Интересно е што ова „чуство“ не секогаш е стабилно. Има луѓе што прво не ни се допаѓаат, а подоцна ги засакаме. Или обратно – прво сме фасцинирани, а подоцна нешто ни се стемнува. Тоа значи дека нашите чувства не се фиксирани, туку се менуваат како што се менуваме и ние. Затоа, некогаш вреди да си дадеме време, а некогаш е мудро да си веруваме на првиот внатрешен сигнал.
Можеби и не треба да се обидуваме да објасниме сѐ. Дел од убавината на човечките релации е токму во тоа – што некои нешта едноставно се чувствуваат, без потреба од логика. Затоа, следниот пат кога ќе почувствувате дека некој "ви лежи" или не, немојте да се форсирате. Вашето тело, вашето срце знаат нешто што вашиот ум можеби уште не го разбира.