Во сезона на лубеници, праски и сладоледи, лимонот ретко добива централно место на трпезата.

Photo by Pixabay
Но токму ова скромно овошје е едно од најмоќните летни сојузници што ги имаме, а и науката тоа го потврдува.
Летото природно го оптоварува телото: дехидрацијата е почеста, желудникот работи поспоро, а изложеноста на сонце ги зголемува и потребите за антиоксиданси. Лимонот, и покрај својот кисел вкус, има алкализирачко дејство врз телото и може да помогне во регулирањето на pH балансот, што е клучно за здрав имун систем и стабилен енергетски ниво.
Природна хидратација
Едно стражување објавено во Journal of Clinical Biochemistry and Nutrition покажува дека додавањето лимон во вода го подобрува внесот на витамин Ц и има благ диуретски ефект, што го поддржува чистењето на телото од токсини. За разлика од засладените спортски пијалаци, оваа вода не содржи шеќери, а сепак го поддржува хидратацискиот процес.
Пијалакот може да се приготви едноставно: сок од половина лимон во 250 мл млака вода, наутро, пред оброк. Ова ја активира дигестивната функција, особено по ноќен пост, и може да го поддржи природното движење на цревата.
Подобрено варење
Летото е период кога варењето знае да биде поспоро, особено поради ладните напитоци и тешката храна. Лимонот ја поттикнува секрецијата на жолчка и ензими во црниот дроб, што ја олеснува дигестијата. Во студија објавена во Ayurveda Research and Practice, се истакнува дека редовна консумација на лимонска вода помага при надуеност, гасови и летна несоница поврзана со нарушено варење.
Додавањето неколку капки лимон во месо или риба, во салата, или дури и врз овошна чинија, го олеснува варењето на мастите и намалува постоброков замор.
Заштита на кожата
УВ зрачењето во лето предизвикува оксидативен стрес, кој може да доведе до стареење на кожата, изгореници и ослабена бариерна функција. Лимонот е богат со аскорбинска киселина (витамин Ц), која е неопходна за синтеза на колаген, протеинот што ја одржува кожата цврста и еластична.
Photo by Madison Inouye
Според истражување објавено во American Journal of Clinical Nutrition, внесот на витамин C е директно поврзан со намалена појава на брчки и подобрена текстура на кожата. Освен тоа, лимонот содржи и флавоноиди како хесперидин и ериоцитрин, кои имаат фотопротективни својства.
Стабилен шеќер во крвта
Лето често значи повеќе шеќер – сладоледи, пијалаци, скриени шеќери во ладните десерти. Според податоци објавени од Diabetes Care, лимонот има својство да го забави варењето на скробот и да ја подобри инсулинската чувствителност, особено ако се консумира со јаглехидрати. Додавањето лимон во паста, ориз или компири, или пиење лимонска вода за време на оброк – може да помогне во регулирање на гликемискиот одговор и да спречи нагли падови на енергијата.
Антибактериско и освежувачко дејство
Лимонот содржи соединенија кои имаат природно антимикробно дејство. Тоа го прави идеален додаток во вода во текот на патувања или во фрижидер во затворени простории каде бактериите се множат побрзо поради топлината. Истовремено, цитрусниот мирис делува како природен освежувач и стимулатор на расположение.
Следниот пат кога ќе се прашувате што му недостасува на вашето летно мени, започнете со едноставното: еден лимон дневно може да направи многу.