Зошто не се радуваме на туѓата среќа? Тоа нема да ја намали нашата

Сите живееме на различен начин и имаме своја животна патека. 

Гледаме околу себе и постојано делиме етикети.

Нема љубов во овој брак, сето тоа е од интерес.

Таа е спонзоруша, сигурно не го сака.

Не сакаат да имаат деца, видете колку се себични.

Таа не се мажи, леле колку е пребирлива.

Се разведуваат, сигурно се изневерувале.

Го изгубија своето богатство. Тоа и го заслужуваат.

Милион реченици и зборови кои ги помислуваме и ги споделуваме со нашите блиски во комуникацијата за другите. Зошто толку тешко ни паѓа туѓата среќа, каква и да е?

Некои луѓе мислат дека за да некому се раздени, на друг треба да му се стемни, но кога станува збор за среќата на овој свет, тоа не е така. Другите животи ретко имаат врска со нашите и среќата и тагата кои се присутни во нив не ги зголемуваат или намалуваат нашите. Сведоци сме на милион приказни, среќни и несреќни, но колку сето тоа е вистина низ сите разговори меѓу луѓето? Колку знаеме за другите луѓе околу нас и колку е важно да знаеме? 

Не е, бидејќи најважна треба да ни е нашата среќа. Да стануваме наутро со мисла да бидеме подобри личности, да одиме на кафе со пријателите споделувајќи добри совети и поддршка, наместо озборувања за другите и да одиме на спиење со рефлексија како можеме да бидеме подобри утредента, но подобри од себе, а не од другите.

Зошто имаме потреба постојано да се споредуваме и натпреваруваме со другите, кога секој од нас ја живее својата приказна? 

На многу прашања во животот ќе добиеме одговор, но никогаш нема точно да знаеме што се случува во туѓите животи. Тоа не е нашата вистина, токму и затоа можеме само да погодуваме. Нема потреба за тоа, животот е прекраток и онака.