Македонија е една од ретките европски држави која сè уште нема национална астрономска опсерваторија – научен центар што би овозможил современи истражувања, меѓународни соработки и практична едукација за идните генерации научници. Иако интересот за астрономијата кај нас постојано расте, оваа идеја со децении останува нереализирана.

За тоа зошто сега е вистинскиот момент ова да се промени, разговаравме со Христијан Петрески – студент на ФЕИТ, член на Скопското астрономско друштво, претставник на Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА) за Македонска астрономска опсерваторија и раководител на Работната група на ГНКА за Македонска астрономска опсерваторија. Во разговорот со нас, тој објаснува што всушност претставува една современа опсерваторија, дали Македонија има услови за ваков проект, какви придобивки би донела ваквата иницијатива за науката и образованието, но и зошто смета дека ова не е луксуз, туку инвестиција во иднината на државата.
Како се роди идејата за иницијативата Македонија конечно да добие национална астрономска опсерваторија? Што ве поттикна да го започнете овој проект токму сега?
Kако долгогодишен љубител на астрономијата, отсекогаш сум се прашувал зошто Македонија сè уште нема сопствена астрономска опсерваторија. Во летото 2024 година бев поканет на свеченото отворање на опсерваторијата во Косово, каде што имав можност да се запознаам и да разговарам со нивните ентузијасти, кои успешно ја реализираа таа иницијатива.
Инспириран од тоа искуство, а со поддршка од Скопско астрономско друштво, во 2025 година се обратив до Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА), од каде што добив целосна поддршка за иницијативата. По повеќемесечна работа на елаборатот, беше отворен јавен повик за формирање работна група, како и петиција за собирање поддршка од јавноста.
Секако, мора да се напомене дека и во претходните тринаесет обиди, бројни научници и љубители на астрономијата се обиделе Македонија да добие национална астрономска опсерваторија, но нивните напори не завршиле успешно. Повеќе информации за тие иницијативи се достапни на следниот линк.
Кога ќе слушнеме за „астрономска опсерваторија“, најчесто замислуваме место каде што се гледаат ѕвезди низ телескоп. Што всушност претставува една современа опсерваторија и што се случува во неа?
Современата астрономска опсерваторија е автоматизиран и роботизиран научно-истражувачки центар чија главна функција е истражување односно собирање на податоци преку модерни сензори, спектрографи и други инструменти, а не визуелно набљудување.
Куполата и телескопот се компјутерски контролирани, се движат синхронизирано и ги следат објектите на небото компензирајќи ја ротацијата на Земјата. Научниците честопати не ни престојуваат под самата купола за да не ја нарушат термичката стабилност со својата телесна топлина односно сè се управува од посебна контролна соба или од далечина. Исто така, денешните опсерватории се вклучени во разни меѓународни соработки и истражувања, но и овозможуваат практична настава за студентите и учениците преку посети и/или соработки.

Дали Македонија има места со услови погодни за ваков проект?
Научните истражувања спроведени уште во периодот на Југославија, но и потврдени со неодамнешните истражувања, покажуваат дека Македонија располага со места кои се исклучително погодни за изградба на астрономска опсерваторија од ваков калибар. Ова главно се должи на ниската релативна влажност на воздухот, високиот број ведри ноќи во годината и ниското ниво на светлосно загадување овозможено од малата густина на населеност и раселеноста во поединечни предели. За потребите на оваа национална иницијатива во моментов се разгледуваат неколку потенцијални локации, кои ќе бидат анализирани и соодветно рангирани.
Во јавноста често може да се прочита коментарот: „Ние веќе ја имаме опсерваторијата Кокино.“ Како би им објасниле на граѓаните која е разликата помеѓу древната мегалитска опсерваторија Кокино и една современа национална астрономска опсерваторија? Што всушност би добила Македонија со изградбата на ваков научен центар?
Кокино е археолошки локалитет и споменик на културата кој функционирал како праисториска маркер платформа за визуелно следење на циклусите на Сонцето и Месечината заради календарски потреби на тогашната заедница, додека современата национална астрономска опсерваторија е активна научно-истражувачка институција опремена со дигитални инструменти, автоматизирани телескопи и спектрографи.
Со изградбата на ваков научен центар, Македонија би добила неколку клучни придобивки: унапредување на домашна астрономска и астрофизичка заедница, можност за учество во меѓународни научни мрежи, создавање услови за практична едукација на студенти и ученици. Дополнително, ваков центар би организирал јавни набљудувања кои ќе придонесат кон популаризација на науката.
Дел од јавноста смета дека во време кога државата има многу други предизвици, национална астрономска опсерваторија не треба да биде приоритет. Како би им одговориле на тие критики? Зошто сметате дека ваков проект е инвестиција, а не луксуз?
Замислете што би се случило доколку државата престане да го финансира образовниот систем само бидејќи постојат негови критичари, или бидејќи дел од јавноста смета дека има други приоритети за финансирање. Инвестирањето во науката и образованието не е луксуз туку предуслов за долгоречен развој, конкурентност и просперитет на државата.
Повеќе од 70 држави во светот имаат сопствени астрономски опсерватории, а не сите од нив претставувааат високо развиени економии. Тоа подразбира дека и други слични држави на Македонија кои имаат многу други предизвици како што имаме ние сепак одлучиле оваа тема да бидел дел од нивната државна политика и буџет. Погледнете кон соседството - Грција, Србија, Бугарија и Косово имаат свои национални астрономски опсерватории.

Скопското астрономско друштво со години организира јавни набљудувања, предавања и едукативни активности. Каков интерес покажуваат граѓаните денес? Дали интересот за астрономијата расте?
Интересот за астрономијата постојано расте, особено кај најмладите генерации. Својата природна љубопитност тие најчесто ја задоволуваат преку интернет, истражувајќи и учејќи за различни астрономски појави и концепти. Воедно, забележлив е и сè поголемиот интерес за јавните набљудувања што ги организира друштвото. Доказ за тоа е ланското набљудување на Месечевото затемнување, на кое присуствуваа повеќе од петстотини посетители, како и огромната поддршка на петицијата и големиот број на пријавени граѓани во Работната група на ГНКА за Македонска астрономска опсерваторија.
Ако утре добиете можност да разговарате со носителите на одлуки, па и граѓаните и имате само неколку минути да ги убедите да го поддржат проектот, кои би биле трите најсилни аргументи зошто Македонија треба да добие национална астрономска опсерваторија?
Првиот аргумент е инфраструктурен скок за македонската наука и ИТ сектор, бидејќи автоматизирана опсерваторија од ваков калибар е напреден систем кој генерира огромна количина податоци. За обработка на овие податоци можен е развој и примена на вештачка интелигенција по примери од најновите опсерватории, компјутерски софтвер и инженерски техники во соработка со домашните факултети.
Вториот аргумент е зајакнување на меѓународната научна репутација, бидејќи со искористување на нашите специфични географски предности и темно небо, Македонија од пасивен набљудувач ќе стане рамноправен партнер во глобалните астрофизички истражувања и конзорциуми, привлекувајќи странски инвестиции, грантови и визитинг-научници.
Третиот аргумент е задржување на врвниот кадар кој го произведуваме, со оглед на тоа што изградбата на еден ваков центар претставува мотив за младите инженери, програмери и физичари да останат и да градат светска кариера дома, работејќи на конкретни и опипливи развојни проекти.