Зошто младите се неодговорни во сообраќајот? - Лани загинале 36, а 2.100 млади се повредени по македонските патишта

Младите се најранливи учесници во сообраќајот бидејќи се најнеискусни, а воедно категорија учесници која најмногу сака да докаже и најмногу греши.Тоа го потврдуваат статистичките податоци.

Според нив, минатата година , вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди во Република Македонија е 155, а од нив, 36 се на возраст до 24 години, околу 2.100 лица на оваа возраст настрадале, односно се повредени во сообраќајни незгоди.

Овие алармантни податоци се поклопуваат со бројките на сообраќајни незгоди што ги објави Светската здравствена организација. Според СЗО, младите лица на возраст до 29 години се вклучени во 25% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди. Годишно, во светот, околу 400 000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди или поточно, секој ден околу 1.100 млади лица го губат животот во сообраќајни незгоди.

– Грижата за младите возачи и нивното однесување во сообраќајот секогаш е во центарот на вниманието на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). Со оглед на фактот дека тие се најранливи учесници во сообраќајот, најнеискусни, а воедно категорија учесници која најмногу сака да докаже и најмногу греши, овие совети и статистички податоци им се наменети токму ним – велат од РСБСП.

Ваквата статистика неминовно го наметнува прашањето: Зошто младите се неодговорни во сообраќајот?

– Со самото стекнување возачка дозвола, секој млад човек се здобива со минимум потребни знаења и вештини за управување со моторно возило. Меѓутоа, младите возачи често забораваат на фактот дека со текот на времето возачките вештините се усовршуваат, а знаењето и познавањето на правилата и прописите сѐ повеќе се продлабочува. Една од најголемите грешки што ја прават младите возачи е нивното чувство на сезнаење и неприкосновеност, односно потценување на опасностите во сообраќајот и игнорирање на неискуството. Секој искусен и добар возач е внимателен, ги почитува сообраќајните правила и прописи, не вози пијан, ги почитува правилата за ограничување на брзината, способен е да ги предвиди сите опасности, закани и предизвици во сообраќајот. Искусниот возач не потпаѓа под влијание на околината и друштвото и има изградено позитивен пристап кон возењето, возачите и сообраќајот – информираат од РСБСП.

Од РСБСП ги потсетуваат младите возачи дека за да бидат добар и безбеден возач, покрај возачки вештини и познавање на сообраќајните правила и прописи, потребни се карактер, свесност и стабилност.

– Возачката дозвола е доверена одговорност од семејството и од општеството, а обврска на секој млад возач е да ја оправда укажаната доверба. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи, не е право на избор, туку задолжителна обврска. Сообраќајот не простува грешки! – нагласуваат од РСБСП.