Македонците се на второто место во Европа по насобран гнев или лутина покажува овогодинешниот Глобален извештај за емоции на „Галуп“. Не изостануваме ниту на други истражувања кои го мерат степенот на депресија кај луѓето во различни земји. Па, Скопје, главниот град на земјава, се најде на второто место на листата најдепресивни градови на Балканот.
Несигурност во многу аспекти од живеењето, постојана политичка и економска криза, до скоро и здравствената ковид криза беше дел од секојдневието... Невработеност, загадување на животната средина, егзистенцијална нестабилност, неправди… Ова се само дел од причините зошто негативните емоции се толку присутни кај македонскиот народ.
За ова од стручен аспект одговори побаравме од Наташа Ивановска, лиценциран психолог!
Најпрвин како би го дефинирале гневот, а како депресијата?
- Гневот како термин означува чувство на интензивна лутина често придружена со желба за одмазда или казна. Се јавува тогаш кога личноста перцепира дека е загрозена, навредена или ѝ е нанесена некаква неправда и може да се манифестира на различни начини, од вербални изливи до физичко насилство. Но, гневот не е секогаш негативна емоција, тој може да биде во улога на заштитник на личноста и нејзините граници или пак да ја покренува личноста на промена.
Ако постојано е присутно чувството на гнев или ако несоодветно се изразува (со агресивно и деструктивно однесување) во тој случај носи негативни последици и за личноста и за околината и воопшто за општеството.
Според СЗО, депресивно растројство, или депресија, е честа состојба на менталното здравје што може да му се случи на секого. Се карактеризира со лошо расположение или губење на задоволство или интерес за активности во долги временски периоди. Ова се разликува од редовните промени во расположението и чувствата за секојдневниот живот.
Депресивните епизоди траат поголемиот дел од денот, речиси секој ден, најмалку две недели. Луѓето со депресија може да доживеат нарушен сон и промени во нивниот апетит. Тие може да имаат чувство на ниска самодоверба, мисли за смрт и безнадежност за иднината. Заморот и слабата концентрација се исто така често присутни.
Гневот може да се појави и како симптом на депресија. Раздразливост, фрустрација и изливи на гнев се вообичаени симптоми на депресија. Луѓето со депресија може да доживеат интензивен гнев насочен кон нив или кон другите. Понекогаш, гневот може да послужи како одбранбен механизам за прикривање на основните чувства на тага, беспомошност или безнадежност. Ова е особено честа појава кај мажите, кои може да ја изразат депресијата преку гнев, а не преку традиционални симптоми како тага.
Дали ќе се согласите со ова – дека Македонците се на врвот најгневни граѓани?
Секојдневно сме сведоци на несоодветна комуникација, нетрпеливост, повишен тон, агресивно однесување и слично што укажува на постоењето на незадоволство, фрустрација и чувство на гнев кај народот.
На што се должи тоа според Вас? Колку улога има поднебјето, менталитетот, економската и социјалната ситуација во земјата...
- Постојат некои студии и показатели кои можат да дадат одредени сознанија за општествените тензии и незадоволство, што може да биде во корелација со повисоки нивоа на гнев или фрустрација. На пример, забележано е дека во земјите каде што има повисок степен на корупција, политичка нестабилност и економски потешкотии граѓаните се погневни.
Културните ставови и општествените норми го обликуваат начинот на кој луѓето ги изразуваат и управуваат со своите емоции. Во некои култури, отвореното изразување на гнев може да биде поприфатливо, додека во други, тоа може да биде потиснато, што ќе доведе до интернализиран стрес и фрустрација.
Македонскиот народ низ вековите бил доста угнетуван и се соочувал со многу неправда, поминувал низ доста трауматични историски настани, транзиција итн. што ми дава за право да помислам дека можеби генерациски се пренесувале неприлагодливи стратегии за справување и зголемени емоционални одговори, вклучително и гнев.
Од друга страна економската нестабилност, невработеноста и финансискиот стрес на кој постојано сме изложени особено последниве години после пандемијата се значителен извор на фрустрација и гнев. Кога луѓето се борат да ги задоволат своите основни потреби или се соочуваат со економска нееднаквост, тоа може да доведе до чувство на беспомошност и огорченост.
Социјалните фактори како што се дискриминацијата, социјалната неправда и недостатокот на социјална поддршка, исто така, можат да придонесат за чувството на гнев. Недовербата во институциите, неправдите за кои постојано слушаме и читаме во медиумите.
Претходно имаше истражувања според кои Македонците се депресивни, анкциозни и функционираат на антидепресиви. Дали граѓаните доволно внимание посветуваат на своето ментално здравје? Дали во последниве години се менува трендот и посетата на психолог веќе не е табу тема?
Ме радува тоа што се помалку е табу тема посетата на психолог, но сеуште многу заостануваме по однос на тоа прашање од некои други поразвиени земји. Кај помладите генерации се забележува поголем интерес за менталното здравје, кон тоа придонесува и се почестото говорење на таа тема во јавноста, како и достапноста на информации.
Фактот дека антидепресивите се рангираат прилично високо на листата на најпродавани лекови укажува на тоа дека не е доволно она што се превзема и дека можеме и треба да размислуваме за подобрување на системот за поддршка и обезбедување на достапност до психолошки услуги за секого.
Дали можеби имате некои совет како Македонците да внимаваат на своето психолошко здравје и од кои народи би можело да се земе пример?
Мислам дека едукацијата е клучна. Уште од мали нозе да се учи дека менталното здравје е важно, дека посетата на психолог е исто толку нормална како и посетата на стоматолог. Развивање на емоционалната интелигенција е од особено значење за добра благосостојба, што би значело препознавање и разбирање на сопствените емоции, учење на начини за здрава саморегулација, сето тоа ќе доведе до подобро менаџирање со стресот и гневот и до намалување на чувството на незадоволство.
Да не се споредуваме со другите народи, туку да се трудиме да бидеме секој ден подобри од вчера.