Зошто љубомората е едно од најлошите чувства на светот?

Секој од нас се соочил со љубомора и завист, барем еднаш во животот, без оглед на тоа дали сме биле на едната или на другата страна. 

Оние кои го почувствувале ова чувство, сфатиле дека тоа е патење кое е незаслужено, но и непотребно во нашите животи. 

Ако сте личност која ги гледа туѓите социјални мрежи и профили и им завидува на другите луѓе, треба да знаете дека можеби таа личност минала низ пекол како што и вие самите поминувате. Веројатно, личноста која изгледа совршено на некоја фотографија се соочува со страв, можеби намалено чувство на самодоверба и води борба за која не знаеме ништо. 

Ничиј живот не е лесен, колку и да мислиме дека е тоа така. 

Зависта и љубомората нè спречуваат да почувствуваме позитивни емоции, тие ја заробуваат нашата енергија, ни го крадат вниманието од важните работи и нè прават дополнително несреќни. Наместо тоа, времето можеме да го потрошиме на учење, усовршување, едноставно грижа кон себеси и своите блиски. 

Ако љубомората ве напаѓа секој ден, можеби треба да се прифатите себеси онакви какви што сте, но пред сè да си признаете дека имате проблем кој ве оддалечува од вашите соништа и исполнување на вашите цели. Не можете да ги победите другите, колку и да се трудите во тоа, можете само да бидете подобра верзија од себеси, подобри од тоа што сте биле вчера. 

За почеток, најважниот чекор е признавањето дека има проблем. Потоа следи работата на себе, прифаќањето, простувањето себеси и обидот за промена. Најубаво е чувството кога сфаќаме дека сме го надминале ваквиот проблем и кога сме на подобар пат. 

Најголемиот успех не доаѓа од споредбата со другите. Тој доаѓа од себеприфаќањето и љубовта кон себеси.