Зошто идејата за „со велосипед на работа“ е добра идеја?

Велосипедот како алтернативно превозно средство сѐ почесто го збогатува нашето секојдневие. Таквата пракса и навика заслужуваат почит и внимание и претставуваат позитивен пример како се сака сопствениот град и здравата животна средина. 

• Велосипедот претставува економски, еколошки и енергетски најодржлива форма на транспорт и мобилност.

• Возењето велосипед е во  хармонија со природата, придонесува за здрава животна средина, намалено загадување, намален  метеж и намалена бучавост.

• Со возење велосипед пристигнувањето на саканата локација е побрзо и помалку стресно. Истражувањата покажуваат дека на растојание до 5 километри,  во урбана средина,  велосипедот е доминантно  превозно средство од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување и  полесно паркирање.   Истражувањата,  исто така покажуваат дека во услови на сообраќаен метеж, превозот со  велосипед  е побрз за 8 до 12 километри на час, отколку со автомобил. Во просек, со автомобил ќе поминете повеќе од половина час заробени во сообраќајниот метеж (околу 7 километри на час), во споредба со просечните 15 до 20 километри на час ако сте со велосипед.

• Придобивките по здравјето на луѓето од оваа здрава животна навика се бројни и бесценети. Возењето велосипед согорува 600 калории на час.  Ефикасноста на телото да согорува калории и маст е подигната додека возите велосипед, но и неколку часа потоа. Возењето велосипед неколку пати неделно го намалува крвниот притисок и стресот, а истовремено ви ја зголемува енергијата.  Ако редовно возите велосипед, вашиот организам ќе биде за  10 години помлад.

• Велосипедот развива позитивна „зависност“ и нѐ ослободува од стресот. 

• Со користењето на велосипедот како сообраќајно превозно средство заштедувате многу пари за скапо гориво. Исто така, купувањето велосипед е далеку поефтина опција, отколку купувањето автомобил.

• Возењето велосипед создава пријателства и ја подобрува комуникацијата со луѓето и со околината.

• Возењето велосипед ги заштитува планетата и шумите. Еден автомобил може да зафати простор колку и 20 велосипеди. Само 5% од енергијата и материјалите потребни за производство на автомобил се доволни да се направи еден велосипед.

• Паркингот за велосипеди е секогаш достапен и бесплатен.