Зошто чекаме посебни прилики за да подариме нешто на оние што ги сакаме?

Во нашето секојдневие, подароците се речиси секогаш врзани за календарски датуми, родендени, именден, Нова година, годишнини.

Photo by Kristina Paukshtite

Како да сме научени дека љубовта и вниманието се резервирани за „специјални прилики“. Но зошто? Дали навистина треба да чекаме одреден ден за да покажеме колку некој ни значи?

Можеби така нè научиле: дека подароците се „заслужуваат“ или „се очекуваат“ само во определени моменти. Или сме зафатени, премногу загрижени со обврски, па вниманието кон блиските се претвора во обврска што се одложува – сè додека не нè потсети некој датум на календарот. Но токму во обичните денови, тие без свечен повод, подароците имаат најголема моќ. Тие зборуваат: „Те гледам. Те сакам. И не ми треба причина.“

Подарок не мора да биде скап или спектакуларен. Една книга, рачно напишана порака, омиленото чоколадо, неочекувана кафе-средба, цвеќе од пазар,  сите тие мали гестови се длабоко значајни. Тие го прават секојдневието помалку сиво, а врските меѓу луѓето потопли и постабилни.

Photo by Amina Filkins

Кога подаруваме без причина, ние испраќаме порака: љубовта и грижата не се условени. Не ги даваш бидејќи „треба“, туку бидејќи чувствуваш. Токму тие подароци го градат она што е поважно од било кој голем повод, постојаната поврзаност, малите радости што се акумулираат со текот на времето и создаваат длабоки, стабилни односи.

Можеби е време да престанеме да чекаме специјални прилики. Бидејќи секој ден што го поминуваме со оние што ги сакаме е специјален. И ако го сфатиме тоа, ќе почнеме почесто да подаруваме – не само предмети, туку внимание, зборови, прегратки, време. А тоа, всушност, се највредните подароци што постојат.