Зорица Петрова, првата жена машиновозач која ги урива стереотипите

Зорица Петрова е првата жена машиновозач во државата на која на Меѓународниот ден на жената ѝ беше врачена лиценцата за работа како машиновозач.

Оваа 25-годишна гевгеличанка смета дека жените можат рамноправно со мажите да ги извршуваат таканаречените машки професии. Вели дека жените се доволно еманципирани за да не бидат само домаќинки, туку да извршуваат и други работи.

– Ние сме способни за тоа. Како жени можеме да се занимаваме со оваа професија и би ни било голема чест, вели Петрова во разговор за МИА, додавајќи дека честопати постојат предрасуди кај луѓето дека жените не можат да извршуваат типично машки професии, но оти во последно време жените го докажуваат спротивното – возат автобуси, работат во одбрана и полиција, како пожарникари, пилоти…

Раскажувајќи ја својата животна приказна, Петрова истакнува дека љубовта кон оваа професија ѝ се вродила уште како мала, а главниот виновник за тоа е нејзиниот татко, кој 35 години работи како машиновозач.

– Татко ми 35 години е вработен во „Железници“ и уште од мала сум по возови, така што многу бев заинтересирана за оваа професија. Отсекогаш сум сакала да возам нешто вакво. Искрено речено, со машиновозачите водев војна да седнам и да возам. Цело време патував со воз, гледав што се случува и цел живот слушам разговори за возови, раскажува Петрова.

Додава дека се работи за сложена професија, но оти тоа не ѝ било препрека да одлучи да стане машиновозач. За да го оствари својот сон, морала да заврши во средното училиште „Владо Тасевски“, отсек машиновозач за дизел и електровлечни средства, а потоа поминала шестмесечна обука. Три месеци во депо каде што ја учела внатрешноста на локомотивите, а потоа уште три месеци каде што како трето лице заедно со машиновозач ја учела железничката инфраструктура.

– Железничкиот сообраќај е доста специфичен и потребно е да се научи инфраструктурата. Не можеш да седнеш и да возиш, како што возиш автомобил. По завршување на обуката, се полагаат два дела – едниот е писмен со 40-тина прашања поврзани со железницата и самата струка, а вториот дел се полага пред стручна комисија, истакнува Петрова.

Од Управата за сигурност во железничкиот систем велат дека откако го примиле барањето на Петрова за дозвола за машиновозач, му посветиле посебно внимание бидејќи се работи за прв случај во железницата жена да биде машиновозач.

– Се одлучивме тоа да го сториме на Меѓународниот ден на жените – 8 Март со организирање скромен настан за доделување на дозволата за машиновозач. Осми март како меѓународен ден на жените ја претставува симболично нивната борба за остварување на правата. Со настанот, сакавме да застанеме на страна на борбата за остварување на нивните права и на страната на цивилизираниот свет за овозможување на тие права. Сметаме дека со оглед на надлежностите што ги имаме, бевме едни од првите промотори во тој поглед и во делот на железницата каде што нема жени, направивме да има жена машиновозач, вели директорот на Управата, Абдулкадир Исаки.

Додава дека и во другите делови од железничкиот систем се поставени жени на клучни позиции.

–  На денот на врачување на дозволата, меѓу другото, истакнавме дека генерално железницата во Македонија правно-формално е организирана во систем. Истиот систем е составен од државни органи и од јавни претпријатија, кои меѓусебно се витално поврзани. И истиот тој систем е креиран од жена која е дел од Министерството за транспорт и врски чии надлежности се креирање политики за развој на железницата. Колку што имам информации, освен главниот овластен инспектор, кој е жена и е дел од Управата, и на други клучни позиции во железницата се поставени жени. Така што еден важен елемент за развојот на железницата е под контрола на жените и нивна е одговорноста за евентуален неуспех, истакнува Исаки.

Зорица Петрова е првата жена во државата со лиценца за работа како машиновозач, но сè уште не работи по струка. Се надева дека ќе стане првата вработена жена машиновозач во државата и дека со својот гест ќе ги охрабри и останатите девојки и жени да се занимаваат со оваа професија.