Зоран Крстевски: Раст, подобри услуги и нови линии и во 2016 година

Интервју со Зоран Крстевски, Генерален директор на ТАВ Македонија

Во 2015 година патниците од Скопје најчесто летале кон Истанбул, Цирих, Виена, Малме и Базел. За оваа година потврдена е информацијата за трите нови линии за Берлин, Копенхаген и Братислава, кои од март ќе ги воведе Визер, како и обновувањето на директната линија Скопје-Прага, која од мај ќе ја возобнови Чех ерлјанс.

На овие и на многу други теми во годишно интервју разговаравме со Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија. 

Скопје Инфо: Како сте задоволни од годината која што помина? Колкав број патници поминаа низ двата аеродроми во Македонија?

Mинатата 2015 година беше навистина успешна за ТАВ Македонија. Ги постигнавме очекуваните резултати во поглед на сообраќајот. Вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид изнесува 1.560.381, што е пораст од 22 % во однос на 2014 година. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст 11% на годишно ниво.

Рекордната бројка на превезени патници е резултат на новите линии кои се отворија во изминатите години, и дополнително на 6-те нови линии кои лани ги отворивме од скопскиот аеродром, кон Женева (со Свис ерлајнс во април) и кон Фридрихсхафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нинберг (со Визер, во јуни и во јули), како и двете нови редовни линии кои ги отворивме од охридскиот аеродром - до Лондон и до Базел. (со Визер, во јуни и во јули).

Според некои регионални анализи, скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’ со ваквиот двоцифрен раст од над 20% на годишно ниво, е најбрзо растечкиот аеродром меѓу 10-те најфрекфентни аеродроми на поранешните ЈУ-простори.

Ова впрочем го покажува и нашата статистика, за движењата во авиосообраќајот во последните шест години. Ако во 2010 имавме само 729.297 патници на двата аеродроми, споредбата со вкупниот број на патници лани 1.560.381, покажува дека за шест години бројот на патници се зголемил повеќе од двојно.

Скопје Инфо: Од година во година се зголемува бројот на патници на скопскиот аеродром, сметате ли дека тоа се должи на нискобуџетните летови?

Континуираниот пораст на бројот на патници е резултат на напорната работа на ТАВ Македонија, поддржана од холдингот ТАВ Аеродроми, како и сериозната посветеност на Владата на Република Македонија и сите надлежни институции на развој на авиосообраќајот во Македонија.

Порастот се должи на сите новоотворени дестинации во изминатите години, како и новите авиокомпании кои дојдоа и почнаа да оперираат од нашиот аеродром. Се разбира нискобуџетните линии се застапени на многу дестинации од Скопје. Тие имаат поинаков бизнис-модел и пристап кон услугите за патниците, за разлика од традиционалните авиокомпании т.н. носачи на знаме или националните авиокомпании. Бидејќи услугите што ги даваат нискобуџетните авиокомпании и традиционалните авиокомпании се различни, предноста на нискобуџетните е што нудат поевтини авиобилети. Овој модел, досега, функционира многу добро во Македонија, бидејќи порано немаше таква можност. Нискобуџетните авиокомпании влегоа на македонскиот пазар пред 4 години, но го зголемија својот пазарен удел за кратко време со воведување на многу директни линии во Европа.

Од друга страна, нискобуџетните авиокомпании создаваат патници кои порано имале навика да го користат автобускиот превоз и туристи кои сакаат да одат на кратки патувања за време на празници во различни земји. За илустрација, во моментов Визер нуди нискобуџетни линии до 24 дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, притоа поврзувајќи ги македонските граѓани со 11 држави.

Скопје Инфо: Постои ли можност Визер да добие конкуренција па уште една нискобуџетна авиокомпанија да ги нуди своите евтини летови од Скопје?

На скопскиот аеродром покрај Визер, нискобуџетни летови нудат уште две други авиокомпании, тоа се Пегасус ерлајнс и Флај Дубаи. Се разбира ние како ТАВ Македонија сме постојано отворени за сите авиокомпании кои се интересираат за македонскиот авијациски пазар.

Скопје Инфо: Да сумираме, кои се дестинациите до кои до крајот на 2016 година ќе може да летаме директно од Скопје?

Она што е досега дефинитивно потврдено од нашите партнери – авиокомпаниите, е информацијата која веќе ја споделивме со македонската јавност -  трите нови линии за Берлин, Копенхаген и Братислава, кои од март ќе ги воведе Визер, како и обновувањето на директната линија Скопје-Прага, која од мај ќе ја возобнови Чех ерлјанс.

Скопје Инфо: Имате ли податоци кои европски градови најмногу ги посетуваат граѓаните?

Во 2015 година најфреквентните 5 дестинации од „Александар Велики“ се: Истанбул, Цирих, Виена, Малме и Базел.

Скопје Инфо: Колку авиони во просек полетуваат и слетуваат на скопскиот аеродром?

Во 2015 година вкупниот број на воздухопловни операции, односно полетувања и слетување, на двата аеродроми беше 15.510, што е пораст од 11% на годишно ниво, во однос на 2014 година.

Скопје Инфо: Колку летови во просек годишно се откажуваат поради маглата?

На скопскиот аеродром реално нема многу откажувања на летови поради временски неприлики, меѓу кои е и маглата, иако во зимските месеци насекаде во светот снегот и маглата се чести причини за масовни откажувања на летови. Кај нас, во последните неколку години имавме само неколку магливи денови, кога поголем број од летовите кои не можеа да се реализираат во Скопје, се пренасочија кон Охрид. Токму тоа е и нашата предност, што ние како аеродромски оператор на авиокомпаниите можеме да им го понудиме нашиот втор аеродром во Охрид, што е добра алтернатива и е релативно блиска релација за патниците, за кои секако се организира автобуски превоз. Она што е интересно и сакам да го напоменам, е дека во текот на зимскиот период често се случува на скопскиот аеродром да имаме многу пренасочени летови од Приштина, поради лоши временски услови на приштинскиот аеродром. Така што сите овие појави се нормални за авиосообраќајот во кој безбедноста на патниците секогаш е на прво место. Она што е важно е аеродромските оператори и авиокомпаниите да бидат добро организирани и да им понудат на патниците погодни алтернативи.

Скопје Инфо: Дали ТАВ планира во иднина да инвестира и во трет аеродром во Македонија или пак проширување на постоечките капацитети?

Како што на јавноста веќе и е познато, проектот за изградба на карго-аеродромот во Штип е сè уште предмет на истражување од технички аспект.

Моментално се мерат метеоролошките податоци, како на пример насоката на ветерот, брзината на ветерот, магливите денови или висината на облаците. Овој процес ќе продолжи се до 2020 година, со цел да имаме 10-годишни податоци кои се од голема важност за поставување на пистата во правилна насока. Потоа, дизајнот и проектот ќе се изведуваат според метеоролошките податоци. Ова е од суштинско значење за одредување на насоката на полетно-слетната-патека. Доколку има силен страничен ветар, тоа ги загрозува слетувањата и полетувањата. Сепак, ние ќе дејствуваме во согласност со Договорот за концесија и одлуката на Владата. Како што нашиот главен извршен директор има изјавено, доколку од која било причина, на пример, метеоролошките податоци, овој аеродром не се заврши, во тој случај износот предвиден за проектот ќе се пренасочи за аеродромите во Скопје и во Охрид.

Скопје Инфо: Од кои услови се најмногу задоволни граѓаните, а кои поплаки стигнуваат до вас?

Откако ТАВ Македонија го презеде управувањето со двата аеродроми, покрај инвестицијата од 110 милиони евра што ја направи, во изградба на новата терминална зграда, нов карго терминал, продолжување на пистата на скопскиот аеродром итн.,  сериозни се фокусира и на подобрување на вкупните услуги што ги пружаме на авиокомпаниите како наши директни клиенти, како и на патниците додека престојуваат во терминалната зграда. Оттука, услуги за кои претходно имавме поплаки, а успеавме да ги подобриме се организираниот транспорт на патниците од и до аеродромот, при што воведовме редовна автобуска линија од центарот на градот и го уредивме такси-превозот. Од октомври минатата година воведовме и бесплатен безжичен интернет на скопскиот аеродром, без временски ограничувања, што е секако на задоволство на нашите ценети патници. Тука се и угостителските услуги, трафиките и сувенирниците, безцаринската продавница, аптеката, фризерницата и сето она што придонесува времето на патниците додека чекаат лет да биде квалитетно исполнето.

Скопје Инфо: Веќе го почнавме вториот месец од 2016,  кои се плановите на ТАВ Македонија за престојната година?

Работиме посветено на тоа да продолжиме со ова темпо на раст и развој и во духот на ТАВ холдингот секогаш размислуваме за нови проекти и начини за ширење на бизнисот.