Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на начинот на кој сопственикот на продукцијата „Авалон“, Бобан Милошески, комуницирал со новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Симоновска, на денешната прес-конференција посветена на концертот на Дејвид Гета во Скопје.

Реакцијата на ЗНМ следува по пријава од Симоновска, која побарала поддршка од здружението поради односот кон неа за време на прес-конференцијата. Концертот на Гета е дел од програмата по повод 35 години независност, а неговата организација е поддржана со јавни средства.
Од ЗНМ посочуваат дека начинот на кој организаторите комуницираат со новинарите мора да биде професионален, независно од тоа дали прашањата им се допаѓаат или не.
„Несоодветниот тон, личните квалификации и потценувачкиот однос кон новинарите не се дел од професионалната комуникација што треба да постои меѓу организаторите на настани и медиумите“, наведуваат од ЗНМ.
Оттаму потсетуваат дека новинарите имаат право слободно да поставуваат прашања во рамките на својата професионална работа, вклучително и прашања што можат да бидат непријатни за соговорниците.
ЗНМ очекува реакцијата да придонесе ваквите ситуации да не се повторуваат и нагласува дека ќе продолжи да реагира во случаи кога се загрозуваат достоинството, професионалниот интегритет и правата на новинарите.