ЗНМ и ССНМ со остра осуда на денешните напади врз новинари

На денешниот протест против пресудата за случајот „Монструм“ се случија и напади врз новинари кои известувале за настанот.

Здружението на новинари на Македонија го осуди овој настан, нападот врз новинарската екипа на Македонската информативна агенција (МИА) и предупредува дека неказнивоста на нападите и медиумските работници може да поттикне посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување, како и правото на информирање на граѓаните. Затоа е важно, дополнува ЗНМ; што поскоро да се измени Кривичниот закон во насока на системска заштита на новинари и медиумските работници.

Самостојниот синдикат на новинари исто така го осуди настанот, нагласувајќи дека покрај нападот врз екипата на МИА, нападнат бил и новинар-репортер од редакцијата на „Слободен печат“, од кого полицајците побарале да ги избрише снимките од службениот мобилен телефон, за да не ги снима и објавува, бидејќи потоа нив им се одмаздувале. 

– ССНМ силно протестира против ваквите инциденти бидејќи напад врз новинарите и медиумските работници е напад и врз слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните - стои во соопштението од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.