Знам дека сите сме презафатени, но како си? Како е твоето срце?

Пред неколку дена сретнав една многу драга пријателка. Застанав да ја прашам како е, како ѝ е семејството. Го крена погледот и со тивок глас ми рече: „Немам време, толку сум зафатена, толку работи се случуваат.“ Веднаш потоа, сретнав уште еден пријател и го прашав како е. Повторно истиот одговор, со истиот тон: „Немам време, баш сум зафатен, имам милион работи да направам.“ По самиот тон се гледаше колку му е лошо, колку е уморен и истоштен. 

Тука не станува збор само за возрасните. Кога кога се преселивме во друг град на времето, бевме среќни што одиме на место каде има супер училишта. Живеевме во супер маало со супер семејства. Сѐ делуваше одлично, онака како што треба! И потоа отидовме кај сосетката да ја прашаме дали нашите ќерки можат да си играат заедно. И одеднаш, жената, која е прекрасна личност, го зема телефонот и го отвори календарот. И почна да скрола надолу и ни рече: „Има празен простор од 45 минути за 2 и пол недели. Остатокот од времето оди на гимнастика, клавир и часови за пеење. Баш е зафатена.“

Ужасно деструктивните навики почнуваат многу рано. Како стигнавме до тоа да живееме вака? Зошто си го правиме тоа? Зошто им го правиме тоа на нашите деца? Кога заборавивме дека и ние сме човечки суштества и дека треба да уживаме, а не само да правиме нешто? Каде исчезна оној свет каде децата играат со кал, се валкаат, неуредни се и бргу им здосадуваат работите? Дали мораме толку да ги сакаме децата што им го пренатрупуваме распоредот, ги изложуваме на стрес и ги правиме премногу зафатени, како и самите себе? 

Каде исчезна оној свет во кој можеме да седиме со луѓето коишто ги сакаме и да водиме опуштени разговори за состојбата на нашите души и срца, разговори кои полека течат, разговори полни со паузи и тишина, затоа што никој не брза за да ја пополни тишината? Како го создадовме овој свет во кој имаме сѐ повеќе работи да правиме, а сѐ помалку слободно време, време за себе и своите блиски, помалку време за едноставно само да постоиме? 

Некаде прочитав: „Неистражениот живот не вреди да се живее... за човекот.“ Па како да живееме, да истражуваме, да бидеме, да станеме нешто, да бидеме целосни луѓе кога сме толку зафатени? Болеста на недостатокот од време го уништува нашето здравје и благосостојба. Ја уништува нашата способност да бидеме целосно присутни со оние кои највеќе ги сакаме и ни оневозможува да оформуваме заедници по кои копнееме. Веќе половина век имаме неверојатни технолошки иновации и мислевме (или ни беше ветено) дека така животите ќе ни бидат полесни, побрзи, поедноставни. А сепак, воопшто немаме повеќе слободно време во споредба со времето коешто сме го имале пред 2 децении. 

Има некои кои се „привилегирани“, па кај нив, границата меѓу домот и работата е сосема изместена. Постојано сме пред екраните. Цело време! Со паметните телефони и лаптопите веќе нема граница меѓу канцеларијата и домот. Ги праќаме децата во кревет и се враќаме на интернет. Една од работите со кои се борам е лавината од мејлови. Постојано се натрупуваат мејлови и не знам како да го спречам тоа. Се обидов со неколку различни техники, но ништо не успева. И сите очекуваа одговор – веднаш! Излегува дека и јас немам време за ништо.

Кога ќе те прашам „Како си?“ сакам да знам како се чувствуваш, како е твоето срце, што чувствува? Не сакам да знам колку обврски имаш во моментот. Сакам да знам дали твоето срце е радосно или тажно. Истражи го твоето срце и твојата душа и кажи ми нешто околу тоа. Кажи ми дека немаш заборавено дека си човечко битие. Кажи ми дека си повеќе од машина која само завршува обврски. Разговарај, погледни некого и допри некого. Помогни некому со твојот допир и со твојот разговор. Кажи ми нешто за твоето срце и разбуди го моето срце. Помогни ми да се сетам дека и јас сум човечко битие кое копнее за човечки допир. 

Гледам млади луѓе кои се гордеат со својот стил на живот во кој напорни работат и се забавуваат. Тоа можеби е показател за нашиот стил на живот и зафатеноста, дури и нашите средства за опуштеност покажуваат свет полн со претерани стимулации. Немам магични решенија. Само знам дека ја губиме способноста да живееме како луѓе. Нам ни е потребен поинаков однос кон работата, технологиите. Не се работи само за опуштање и брзи мобилни телефони. Сакаме да бидеме вистински луѓе. 

Нам ни е потребен поинаков модел за организирање на нашите животи, општества, семејства, заедници. Сакам моите деца да се забавуваат, да се валкаат, да им биде досадно, да учат како да бидат луѓе. Сакам да постоиме на начин на кој можеме да си дадеме пауза, да се погледнеме во очи, да се допреме и да се прашаме: „Како ми е срцето?“ 

Како е твоето срце денес?

Ајде да бидеме поврзани на начин на кој кога некој ќе каже: „Зафатен сум“, да можеме да кажеме: „Знам, пријателе. Сите сме. Но, сакам да знам како ти е срцето.“