„Знаењето ја губи вредноста“ - Професорката Томевска-Илиевска открива што навистина им недостига на денешните ученици и студенти

Новите генерации ученици и студенти растат во сосема поинакво општествено опкружување од она во кое се образувале нивните родители и наставници. Пристапот до информации денес е речиси моментален, дигиталните технологии се составен дел од секојдневието, а младите сè почесто очекуваат знаењето да има јасна практична примена.

Но, дали образовниот систем успева да ги следи овие промени? Дали огромната достапност на информации значи и подлабоко знаење, и каде е границата меѓу меморирањето и вистинското разбирање? Паралелно со овие прашања, сè почесто се отвора и темата за авторитетот на наставникот, довербата меѓу училиштето и родителите и начинот на кој училиштето ги подготвува младите за животот.

За овие предизвици, за разликите меѓу денешните генерации и оние од пред една или две децении, за улогата на дигитализацијата, авторитетот на наставникот и потребата образованието да се движи од репродукција кон примена на знаењето, разговараме со професорката д-р Елизабета Томевска-Илиевска, редовна професорка на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, која 25 години работи во областа на педагошките науки.

Со професорката во претходното интервју разговаравме за актуелните предизвици во образованието, почетокот на новата академска година, интересот за студирање на Институтот за педагогија.

Денешните генерации учат поинаку – информациите се достапни веднаш, но предизвикот е како да се препознаат вистинските

Професорката Томевска-Илиевска прави јасна разлика меѓу начинот на кој до знаење доаѓале генерациите пред дваесетина години и денешните ученици и студенти.

Според неа, дигиталната технологија не го променила само начинот на учење, туку и самиот однос кон знаењето.

- Денес се мери сè, па и во образовен контекст, колку и да е тоа под голем знак прашалник – кој, кога, како, што и со што и за што мери и споредува? Денес се мери конфигурацијата на знаењата, започнувајќи од PISA-тестовите, до поставеноста на европските студиски програми, од сензационалните природно-научни истражувања до современите знаења од областа на културата, од просветните работници кои го пребаруваат интернетот, до менаџерите на големите образовни институции кои патуваат со млазни авиони, всушност претставуваат појавни форми на необразованоста. Но, тоа не значи дека ништо не се знае. Сепак – и ова припаѓа на парадоксот од денешницата! – што повеќе се повикуваме на вредноста на знаењето, толку побрзо знаењето ја губи вредноста!

Доколку се направи споредба меѓу денешните генерации ученици и студенти и оние кои се образувале пред една или две децении, може да се забележат значајни промени во начинот на кој младите учат, се информираат и доаѓаат до знаења. Овие промени, во голема мера, се поврзани со развојот на дигиталната технологија и со нејзината сè поголема застапеност во секојдневниот живот. Денешните генерации растат во средина во која користењето компјутери, мобилни уреди, интернет и различни дигитални платформи претставуваат составен дел од секојдневието. Оттука, тие се навикнати до потребните информации да доаѓаат брзо, при што имаат можност да користат повеќе различни извори во зависност од конкретните задачи или интереси.

Поинаква беше ситуацијата кај генерациите кои се образуваа пред дваесетина години. Пристапот до информации, во најголема мера, се темелеше на учебници, книги, библиотеки, енциклопедии и други печатени материјали. Во такви услови, за доаѓањето до одредена информација беше потребно повеќе време, а учењето во поголема мера беше поврзано со читање, пребарување низ достапните извори и постепено усвојување на содржините. Денес, интернетот и дигиталните технологии овозможуваат голем број информации да бидат достапни речиси веднаш. На тој начин се создаваат услови - учењето да се одвива на поразличен и, во одредени ситуации, побрз начин, но истовремено се менува и начинот на кој учениците и студентите пристапуваат кон самото знаење“, вели таа во интервју за Скопје Инфо и додава: 

- Сепак, лесната достапност на информациите не значи автоматски и нивно квалитетно користење. Напротив, токму големиот број достапни содржини ја наметнува потребата ученикот или студентот да знае да направи избор, да процени дали одреден извор е релевантен и да ја провери точноста на информацијата што ја користи. Во тој контекст, современиот образовен систем се соочува со задача која е поширока од самото пренесување на знаења. Образовните институции и наставниците имаат значајна улога во развивањето на способноста кај учениците самостојно да пребаруваат, да ги разбираат и критички да ги проценуваат информациите, но и да знаат како стекнатото знаење да го применат во конкретни ситуации. На тој начин, промените што ги носи дигиталното опкружување не се однесуваат само на средствата со кои учениците и студентите учат, туку и на самата улога и организација на образовниот процес.

Професорката Томевска-Илиевска нагласува дека предизвикот за современото образование е да воспостави соодветна врска меѓу теоријата и практиката и да им помогне на учениците да ја согледаат смислата и примената на знаењата што ги стекнуваат 

- Но, токму во оваа промена се појавуваат и некои од суштинските разлики меѓу генерациите. Поголемата достапност на информации, од една страна, значително го олеснува пристапот до знаењето, но од друга страна создава потреба од поголема селекција и критички однос кон информациите. Во минатото, еден од основните предизвици беше да се дојде до потребната информација. Денес ситуацијата во голема мера е обратна – информациите се достапни во огромен обем, а предизвикот е да се изберат оние што се релевантни и корисни. Притоа, брзината со која се менуваат и пристигнуваат нови содржини може да влијае врз начинот на кој младите го насочуваат и го одржуваат вниманието. Честото преминување од една содржина на друга, особено при користење на дигитални платформи, може да доведе до површно обработување на информациите, наместо до нивно подлабоко разбирање и поврзување со претходно стекнатото знаење. Оттука, едно од значајните прашања за современото образование е како кај учениците и студентите да се развива способност за концентрација, критичко размислување и подлабоко навлегување во одредена тема. 

Што вели за денешните генерации?

- Кај денешните генерации може да се забележи поголема ориентираност кон практичната страна на знаењето и неговата непосредна применливост. Учениците и студентите почесто поставуваат прашања за тоа каде и на кој начин одредено знаење може да се примени во реалниот живот. Тоа е разбирливо ако се земе предвид средината во која растат, во која голем број информации и услуги се достапни веднаш и во која дигиталните алатки овозможуваат брзо решавање на различни задачи. Заради тоа, содржините кои им изгледаат премногу апстрактни, далечни од нивното секојдневие или без јасна практична примена можат потешко да го задржат нивниот интерес. Ова, сепак, не значи дека теоретското и апстрактното знаење ја губат својата вредност. Напротив, предизвикот за современото образование е да воспостави соодветна врска меѓу теоријата и практиката и да им помогне на учениците да ја согледаат смислата и примената на знаењата што ги стекнуваат.

Авторитетот на наставникот не се враќа со една реформа

Покрај промените во начинот на кој младите учат и се информираат, едно од клучните прашања за образовниот систем е и односот меѓу наставникот, ученикот и родителот. Авторитетот на наставникот, според професорката, не е прашање што може да се реши само во рамките на училиштето, бидејќи зад него стојат пошироки општествени промени.

- Прашањето за авторитетот на наставникот денес е особено значајно, бидејќи неговата улога не се однесува само на пренесување знаења, туку и на воспитување, подучување, како и да учествува при создавањето навики и развивање на вештини кај учениците. Намалувањето на довербата во наставникот не може да се поврзе само со промените во училиштето. Тоа е поширок општествен проблем во кој се препознаваат промените во вредносниот систем, односот кон воспитанието и образованието, семејството и институциите, но и промените во очекувањата на учениците и родителите.

Една од причините за намалувањето на авторитетот на наставникот може да се бара во постепеното нарушување на системот на вредности во општеството. Знаењето, трудот, одговорноста и професионалноста не секогаш се вреднуваат на начинот на кој би требало. Во такви услови, тешко е и наставничката професија да го задржи статусот што го имала во минатото. Авторитетот не може да се воспостави само со формалната позиција што ја има наставникот во училиштето. Тој се гради преку знаењето, компетентноста, доследноста и личниот пример, но и преку почитта што институциите и општеството ја покажуваат кон оваа професија. Затоа, еден од првите чекори би требало да биде подигање на квалитетот на наставничкиот кадар. Во тој контекст, потребно е да се размислува за воведување соодветни критериуми при уписот на наставничките факултети, особено за оние студиски програми кои подготвуваат идни наставници. Истовремено, најдобрите кандидати треба дополнително да се стимулираат да се определат за наставничката професија. На тој начин би се создале услови наставничката професија да биде предизвик за млади луѓе со висок потенцијал, интерес и мотивираност за работа со ученици, оценува во нашиот разговор професорката. 

Смета дека секако, одговорноста не може да се префрли само на самите наставници.

- Подобрувањето на нивниот професионален статус мора да биде проследено и со соодветна материјална сатисфакција. Наставникот кој има значајна општествена одговорност треба да има и услови за достоинствено извршување на својата професија. Покрај материјалниот аспект, потребно е да се воспостави и јасен и објективен систем за професионален развој. Тој систем би требало да се темели на однапред утврдени индикатори и критериуми преку кои ќе се проценуваат професионалниот ангажман, квалитетот на работата, стекнатите компетенции и придонесот во воспитно-образовниот процес. На тој начин напредувањето и валоризацијата на работата на наставникот би се поврзале со неговите реални професионални резултати, вели Томевска-Илиевска.

Дали и политиката „вмешува прсти“ во образованието?

- Особено важно прашање е и влијанието на политиката врз образованието. Образовниот систем треба да има јасно поставени професионални стандарди, независно од политичките промени. Прекумерното политичко влијание може да ја наруши довербата во институциите и да создаде чувство дека професионалните критериуми се помалку важни од политичките или личните интереси.

Од друга страна, променет е и односот меѓу училиштето и семејството/старателите. Во одредени случаи родителите имаат тенденција прекумерно да ги заштитуваат своите деца и да интервенираат во ситуации во кои претходно поголема одговорност имала самата воспитно-образовна институција. Таквиот однос може да создаде тензии меѓу родителот и наставникот, особено кога станува збор за оценувањето, дисциплината или очекувањата поврзани со успехот на ученикот. Родителот треба да биде партнер на училиштето, а не негов коректив во секоја ситуација. Истовремено, наставникот мора да биде отворен за комуникација, да ги почитува учениците и родителите и своите одлуки да ги темели на јасни и професионални критериуми, е ставот на професорката по ова прашање. 

- Оттука, враќањето на довербата меѓу наставникот, ученикот и родителот не може да се постигне со една мерка или со еднократна реформа. Потребен е поширок пристап кој ќе ги опфати изборот и подготовката на наставниот кадар, подобрувањето на неговиот материјален и професионален статус, објективното вреднување на работата, намалувањето на политичките влијанија и воспоставувањето поквалитетна соработка меѓу училиштето и семејството. Само доколку наставникот повторно се препознае како компетентен и одговорен професионалец, а знаењето, трудот и личната одговорност повторно добијат соодветно место во системот на вредности, може да се очекува постепено враќање на неговиот авторитет. Довербата, во тој случај, нема да биде наметната, туку ќе се гради преку секојдневната работа и односот меѓу сите учесници во воспитно-образовниот процес, заклучува Томевска-Илиевска. 

Од „Што знае ученикот?“ кон „Што може да направи со она што го знае?“

Еден од централните проблеми на современото образование е и прашањето дали училиштето навистина ги подготвува младите за животот или премногу се потпира на оценките, тестовите и репродукцијата на наставните содржини.

За професорката Томевска-Илиевска, суштината не е само во количината на информации што ученикот ќе ги усвои, туку во тоа дали ќе знае да ги разбере, поврзе, критички да ги процени и да ги примени.

- Кога се зборува за современото образование, често се користи изразот „општество базирано на знаење“. Во суштина, станува збор за општество во кое знаењето и образованието се препознаваат како едни од најзначајните ресурси за личниот и општествениот развој. Особено за европските земји, кои не располагаат со големи природни ресурси, вложувањето во човечкиот капитал, образованието и развојот на компетенциите претставува важна основа за идниот развој. Меѓутоа, прашањето е што всушност подразбираме под знаење. Ако знаењето го сведеме само на собирање и меморирање информации, тогаш неговото значење останува ограничено. Знаењето има вистинска вредност тогаш кога човекот може да го разбере, да го поврзе со други сознанија, критички да го процени и да го примени во конкретна ситуација. Во таа смисла, современото образование не би требало да се насочува само кон тоа ученикот да знае одредени факти, туку и кон тоа да знае што да направи со стекнатото знаење. Токму оттука произлегува еден од клучните предизвици со кои се соочува и македонскиот воспитно-образовен систем. Иако во изминатиот период се направени многубројни обиди за модернизирање на наставата, во практиката сè уште може да се забележи силна ориентација кон оценките, тестирањето и репродукцијата на наставните содржини. Учениците често се насочени кон тоа да го запомнат она што е потребно за одреден тест или испрашување, но тоа не значи секогаш дека стекнатото знаење го разбираат доволно или дека можат да го применат во нова и поинаква ситуација, вели професорката за Скопје Инфо. 

- Резултатите од меѓународните истражувања, вклучително и оние што ја мерат функционалната писменост и примената на знаењата, треба да се разгледуваат како еден од показателите за состојбата во образованието. Ниските резултати не треба да се толкуваат само како неуспех на учениците, туку и како сигнал дека постојат слабости во стратегиите, концепциите, наставните програми, постои потреба од преиспитување на начинот на кој се организира и реализира наставата, процесот на учење и развивањето на способностите на учениците, како и процесот на формативното и сумативното следење, вреднување и оценување на постигнувањата на учениците. Особено значајно е прашањето - дали ученикот може да го искористи она што го научил во секојдневниот живот, а не само да го репродуцира во рамките на тест или испитување. Дополнително се поставува прашањето за иницијалното образование на наставниот кадар, којшто се подготвува за работа во предметната настава во основното образование и во средното образование. Но, ова е посебна тема што бара подолга елаборација. Во тој контекст, разликата меѓу површното и длабокото разбирање на знаењето станува особено важна. Ученикот може успешно да запомни дефиниција, правило или одреден број податоци, но тоа не е доволно доколку не знае како тие сознанија да ги поврзе со реален проблем. Образованието треба постепено да го поместува фокусот од прашањето „Што знае ученикот?“ кон поширокото прашање „Што може ученикот да направи со она што го знае?“ Токму оваа промена е важна за подготовка на младите за понатамошното образование, за професионалниот живот, но и за нивното активно учество во општеството, појаснува таа од стучен аспект. 

Професорката се осврна и на љубобитноста кај децата, и како таа да се поттикне. 

- Друг важен аспект е одржувањето на интересот и љубопитноста кај учениците. Детската љубопитност природно постои, но начинот на кој е организиран воспитно-образовниот процес може да ја поттикне или постепено да ја намали. Доколку учењето се доживува главно како исполнување обврски, подготовка за тестови и добивање оценки, постои ризик ученикот да го изгуби интересот за самото откривање и разбирање на нови содржини. Затоа, оценката треба да биде средство за следење и унапредување на напредокот, а не крајна цел на образовниот процес, оценува Томевска-Илиевска.

Можеби најважниот заклучок и порака до сите инволвирани во образовниот процес е да се способност за критичко размислување, решавање проблеми, комуникација, соработка, самостојно учење и приспособување кон нови ситуации. 

- Промените во општеството и на пазарот на трудот бараат и промени во начинот на кој ги подготвуваме младите. Не е доволно ученикот да располага со голем број информации. Потребно е да развива способност за критичко размислување, решавање проблеми, комуникација, соработка, самостојно учење и приспособување кон нови ситуации. Овие способности не се развиваат само преку учење на факти, туку преку нивна практична примена. Оттука, прашањето дали училиштето ги подготвува младите за животот не може да се сведе само на тоа колку знаење успеваат да усвојат. Многу поважно е дали тоа знаење им помага да размислуваат, да решаваат проблеми, да носат одлуки, да комуницираат со другите и самостојно да се снаоѓаат во ситуации со кои ќе се соочат по завршувањето на наставата. Оценките, тестовите и проверката на знаењето се неопходен дел од воспитно-образовниот процес, но не треба да станат негова крајна цел, порачува професорката.