Значително намалување на казните за сообраќајни прекршоци

Казните кои беа воведени во 2007-та година со суми кои надминуваа и две-три просечни плати во тоа време најверојатно ќе бидат минато.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вечерва од трибината на СДСМ во Кичево најави дека наскоро ќе има значително намалување на казните.

Инаку казните за сообраќајни прекршоци беа премногу високи за македонскиот стандард, а првично ваквите казни кои беа наречени и глоби беа донесени во 2007-та година од страна на ВМРО ДПМНЕ, за потоа во 2014-та и 2015-та да бидат појачани со уште поригорозни мерки.

Така на пример немање на возачка книшка чини 100 евра, додека пак погрешно паркирање 45 евра. За зборување на мобилен во автомобил се плаќа 100 евра. За надминување на брзината во населено место над 30 km на час од дозволеното се останува без возачка и се плаќа 300 евра. Ова се само дел од актуелните суми на казни, но засега нема информации кои казни за колку ќе бидат намалени.