
Царински службеници на граничниот премин Богородица заплениле седум млади змии и еден гуштер, откриени при контрола на возило управувано од косовски државјанин. Животните биле скриени под седиштето, спакувани во кутии и марами, со намера нелегално да бидат внесени во државата.
Контролата била извршена во соработка со полициски службеници. Меѓу запленетите влекачи има неколку видови питони, како и змија за која Царинската управа наведува дека е отровна.
„Главно станува збор за заштитени видови, два питони од видот „Carpet Spilota“, еден питон од видот „Short tailed“, еден питон од видот „Brandly Carpet“, една змија „Chinese Ring rat“, како и од „Raticulated Super Dwarf“. Воедно меѓу запленетите змии е и отровна змија „Baron sneake““, информираат од Царинската управа.
Запленетите влекачи ќе бидат предадени на надлежните институции, а против лицето ќе биде поведена соодветна постапка.
Од Царинската управа потсетуваат дека увозот на заштитени видови е строго регулиран и бара задолжителни дозволи согласно Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива флора и фауна.
„Секој внес без овие дозволи се смета за недозволен внес“, посочуваат од Царинската управа.