Злато за „Комитите“, злато за „Чкембарите“

Бизнисменот Јордан Камчев беше дел од делегацијата на новиот европски шампион Вардар на завршниот турнир од ракометната Лига на шампионите, а златниот медал што го доби од ЕХФ им го подари на навивачите на Вардар.

На свеченоста, вчера во салата „Јане Сандански“, Камчев ги изненади навивачите со убавиот подарок.

„Златниот медал од Келн вечерва и го подарувам на навивачката група Комити. Како подарок од мене за нивниот 30. роденден. Исто така медалот од фудбалскиот Куп на Македонија, што го освои Пелистер е подарок за Чкембарите. Од мене симболичен гест за двете најдобри навивачки групи во Македонија. Ги заслужуваат медалите”, вели Камчев, кој е еден од спонзорите на РК Вардар и на ФК Пелистер.

Битолските симпатизери на ФК Пелистер, популарните „Чкембари“ ќе го добијат медалот од Камчев на натпреварот од Европа Лигата, на крајот од јуни, или на почетокот на јули.