
Скопје добива ново светилиште, нов православен храм - нова надеж и голема искрена вера дека молитвите во него ќе бидат услишани! Црквата „Свети рамноапостоли цар Константин и царица Елена“ на улица Македонија, во самото срце на Скопје официјално ќе биде осветена за точно 10 дена, односно на 28 септември!
Последните денови пред големиот чин се уредува надворешниот дел.
Од септември минатата година, интензивно се работи на внатрешноста — фрескоживопис, изработка на иконостас и подот, а подоцна Скопската епархија потврди дека дел од внатрешноста е завршен. Изминатата пролет беше објавено дека бизнисменот Кочо Анѓушев финансиски помогнал во изработката на фреските и во фрескоживописот, преку лична донација и поддршка од компании во негова сопственост.
Инаку, новиот храм се гради во спомен на урнатите од земјотресот, и е во целосна сопственост на Скопската епархија, со сите подмирени долгови од порано кон изведувачот на градежните работи, кој долгот го пријави дури по неколку години, известија пред извесен период од Скопската епархија.
Црквата плени со својот изглед! Златни куполи, уметничко фасадирање на надворешните ѕидови, импресивна форма! Верниците со нетрпение го очекуваат свечениот чин на осветување по што ова ново место-дом на православните христијани ќе им биде достапно за посети. Наедно, се очекува оваа црква да привлече и голем број туристи со оглед на локацијата.