„Златна бубамара“: Наградите за популарност ги добија подобрите, а не подобните (фото)

Манифестацијата за која секогаш се бара билет повеќе, и кај пријателите и кај организаторот, „Златна Буба Мара на популарноста“, вчера одбележа 20 години постоење. Со тоа, наградите што ги доделува радио „Буба Мара“, станаа најдологовечните во македонското постоење.

Јубилејното издание имаше четворица водители – Игор Џамбазов, Сашко Коцев, и Валентин Костадиновски – Тино и Атанас Атанасовски.

Оваа година помина во знакот на говорот на Ранко Петровиќ, многу музика, награди во стари и нови категории (вкупно 21), преку 200 изведувачи на сцената и Специјалното забавно обвинителство.

Наградата за животно дело ја добија членовите на ансамблот „Мањифико“, а на сцената се појавија Тања, Лидија, Панче и Невенка Кочовски и ја испејаа песната „Лас Мананитас“, кај нас позната како „Мама Хуанита“.

Награда за спортски успех доби младинската фудбалска репрезентација на Македонија, а награди ги добија и автомобилистот Игор Стефановски Иџе и пливачот-маратонец Томи Стефановски.

Наградата за Најголеми достигнувања во оперското и хорското музицирање ја доби маестро Томислав Шопов, па хорот „Мирче Ацев“ ја изведе композицијата „Чае шукарие“ посветена на Есма Реџепова.

За најдобра претстава е прогласена „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов, а мјузикл на годината е „Чикаго“ во режија на Наташа Поплавска. Најдобар млад актер е Александар Михајловски за претставата „Силјан Штркот шанца“, а актерка на годината е Јелена Јованова. Најдобар актер е Никола Ристановски кој му ја предаде наградата на Сашко Коцев.

За најперспективна млада пејачка е прогласена Антонија Гиговска, а пејач на годината е Даниел Кајмаковски.

Најпопуларна ТВ емисија е „Еден на еден“, а награда доби и етно-групата „Љубојна“.

Изненадување за сите беше и настапот на групата „Меморија“, кои по цели 25 години се појавија на сцената со оригиналната постава на бендот и ја отпејаа „Оган под ѕвездите“.

Врвот на манифестацијата се случи кога се појавија членовите на Специјалното забавно обвинителство, а кои им ја доделија наградата за ТВ Забавна емисија на „Фчерашни вести“.

Публиката си замина задоволна, уште еднаш со коментар дека и оваа јубилејна „Златна Буба Мара“ ќе се памети уште долго.

Фото: Р.Атанасовски, МКД.МК