Златко Перински: Спортскиот центар го гледам како комплекс кој ќе биде лидер во регионот

Интервју со Златко Перински, Директор на СЦ Борис Трајковски: Спортскиот центар го гледам како комплекс кој ќе биде лидер во регионот

Златко Перински веќе две години е директор на СЦ Борис Трајковски. На оваа позиција дојде со одлука на Владата на Републилика Македонија. Од неговото доаѓа на оваа позиција до денес во спортскиот центар се случија низа промени и новини - една од најзначајните е ребрендирањето на капацитетите под брендот Оне. Вип.

За ова и други теми поврзани со работењето на спортскиот центар во денешно интервју разговараме со првиот човек на овој објект. Во него говори за тековните проекти, услугите и планирате проекти за во иднина.

Скопје Инфо: На чело сте на едно големо државно претпријатие кое што нуди голем број услуги, што значи да си директор на СЦ Борис Трајковски?

Златко Перински: Да се биде директор на најголемиот Спортски центар во државава е огромен предизвик но воедно и динамична работа за која треба премногу труд, енергија и пред се љубов кон работата. Директор на Спортски центар кој нуди широк спектар на содржини за спортување,рекреација и забава значи да воспоставиш одлична поставеност на работата за да се функционира како што треба. Задача на мене и мојот тим е да го продолжиме развојот и афирмацијата на центарот и да го доближиме до секој граѓанин на Република Македонија.

Скопје Инфо: Тука сте веќе скоро три години, што е тоа што за вас е најзначајно во изминатиот период?

Златко Перински: Токму така, со одлука на Владата на Република Македонија од август 2014 година сум назначен на чело на најголемиот спортски центар во земјава. Значајно според мене е тоа што од година во година спортскиот центар забрзано се разбиваше, воспоставиме нови попривлечни цени за сите оние кои сакаат да се занимаваат со спорт, започнаа со работа четири отворени тениски терени, се изврши поделба на Вип Арената односно овозможиме тренинг и рекреација на три различни терени во познатата Вип Арена. За прв пат се воведе аква пилатесот како содржина во државава исто така се реализираше и проектот ИЗНАЈМИ ВЕЛОСИПЕД-АЈДЕ ДА ВОЗИМЕ ЗАЕДНО и низа други општествено одговорни случувања. Од пред една година по примерот на многу Светски Спортски центри ние не ја исклучивме можноста да склучиме договор со компанијата оне.вип. Во рамки на тој договор беше предвидено е целосно брендирање на капацитетите на  Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ под брендот Вип, како и именување на мултифункционалната спортска арена во “Вип арена”.

Скопје Инфо: Водите една институција што е тесно поврзана со спортот и здравото живеење. Се наметнува прашањето, колку често спортувате и дали здраво живеете?

Златко Перински: Морам да кажам дека обврските кои произлегуваат од работата на центарот и немам многу време за спортување, но во секоја можна прилика го користам. Секогаш кога можам практикувам вежбање во теретана, како и не ја пропуштам неделната активност фудбал со моите пријатели.

Скопје Инфо:  Во каква состојба е СЦ Борис Трајковски во моментов?

Златко Перински: Слободно можам  да кажам дека Спортскиот центар стои на здрави нозе, спремен е за сите предизвици што ни претстојат. За претстојната 2017 година најавени се преку 23 концертни манифестации , бројни меѓународни и домашни натпревари како и организација на неколку првенства. Тимот на СЦ Борис Трајковски е спремен како и секогаш да се покаже како добар домаќин на случувањата.

Скопје Инфо:  Може на кратко да ги потсетиме читателите кои се услуги се нудат во моментов?

Златко Перински: Во овој момент во Спортскиот центар БОРИС ТРАЈКОВСКИ практично и нема спортска дисиплина која што неможе да ја понуди на сите оние кои што сакаат да се занимаваат со спорт и рекреација. Добро познатата мултифункционална Вип Арена нуди можност и простор за најразлични видови на спортови, како кошарка , фудбал, одбојка , ракомет итн. Тука не би пропуштил да го споменам Вип Пливачкиот базен кој е идеален за професионално и рекреативно пливање. Исто така, во склоп на ценатрот се наоѓаат и Вип Бокс салата, како и Вип Кугланата. За сите оние што сакаат здраво и добро оформено тело слободно можат да ги посетат Вип Фитнес и Аеробик центарот.

Од неодамна отворени се вратите на четирите Вип тениски терени, а со полна пареа работиме на подготовките за новата сезона на добропознатиот Вип Аква парк.

Скопје Инфо:  Кои се плановите за во иднина? Најавувате нови објекти, нови услуги.

Златко Перински: Минатата година меѓу бројните проекти што беа најавени а се поврзани со развој на спортот во Република Македонија,  беше и затвоената тениска арена со гимнастичка сала и сала за боречки спортови која ќе биде во склоп на Спортскиот центар Борис Трајковски.

Проектот за тениската арена со гимнастичка сала и сала за боречки спортови е во завршна фаза, потоа следи изготвување на одобрение за градба по што ќе биде објавен оглас за доделување договор за јавна набавка за изградба на Арената. По завршување на постапката за избор на изведувач веднаш ќе започнеме со градежните активности.

Очекуваме арената за тенис, гимнастика и боречки спортови да биде готова во втората половина на 2018 година. Арената ќе овозможи одржување на професионални натпревари во тенис, гимнастика и боречки спортови.

Скопје Инфо:  Како сте задоволни од работата на Вип пливачкиот базен? Има ли пливачи, каква е посетеноста?

Златко Перински: Изминативе неколку години Вип пливачкиот базен претрпе неколку новитети, како нови правила во начинот на работа, условите за пливање,хигиената и квалитетот на водата ги доведовме до највиско ниво вклучувајќи и нови попристани цени за утринско пливање.

На наше огромно задоволство се покажа дека овие корекции резултираа позитивно а резултатот на посветената работа е зголемен број на корисници на Вип пливачкиот базен кои  изнесуваат 12.000 посети месечно во просек, и преку 400 дечиња кои секој месец тренираат во школите кои функционираат во склоп на Вип пливачкиот базен.

Скопје Инфо:  Во јавноста изминатиот период беа актуелни информациите поврзани со наодите од ревизијата на Државниот завод, кое е вашиот став во однос на обвинувањата кои ги изнесоа дел од медиумите?

Златко Перински: Финансиското работење на Спортскиот центар од година во година драстично се подобрува. За нашата успешност како институција говори и податокот што во 2016 година Друштвото за прв пат ќе оствари добивка и со самото тоа е постигната целта на основањето на друштвото, а тоа е економично и домаќински стопанисување со државен имот. Ова е резултат на зголмените приходи и намалените расходи на друштвото, а воедно ја прилагодивме и понудата на Спортскиот Центар според потребите на секој граѓанин со што значително го подобривме интересот за спортување во СЦ Борис Трајковски.  Важно е да потенцирам дека сето ова се случува во сериозна политичка криза во која се наоѓа државава изминативе години.

Скопје Инфо:  Која ви е целта за понатаму? Каде го гледате овој Спортски центар?

Златко Перински: Од првиот ден кога сум на чело на Спортскиот центар па се до денес, како и на целокупниот тим кој е задолжен за менаџирање на центарот основна цел ние е Спортскиот центар Борис Трајковски да го адаптираме според потребите на граѓаните и спортските федерации и клубови но и да го надградуваме и развиваме по примерот на светските спортски комплекси. Во иднина Спортскиот центар Борис Трајковски го гледам како комплекс кој ќе биде лидер во регионот.