Златев за загинатиот Бесим Дурмиши: Чесен работник, налетал на разјарената ќерка на осудениот криминалец во бегство

Новинарот Љупчо Златев со објава посветена на Бесим Дурмиши, 33-годишниот жител на селото Љуботен, кој загина во сообраќајната несреќа на експресниот пат Штип – Кочани на 7 октомври 2025 година, испрати порака за човечност, солидарност и почит кон жртвите и нивните семејства, независно од етничката и верската припадност. Младиот Дурмиши смртно настрада во сообраќајната несреќа во која учесвувала и 23-годишната Ива Михајлова против која се води судска постапка за тешко кривично дело против безбедноста на сообраќајот, а изминатото деноноќие случајот е во фокусот на јавноста, откако таа избега во Бугарија. 

Во објавата, Златев пишува дека, според сведоштвата на неговите соселани, Дурмиши бил чесен и вреден работник, кој потекнувал од семејство што со сопствен труд го заработувало својот леб.

Тој реагира и на тврдењата и навредите што, како што наведува, биле упатени кон загинатиот по несреќата, посочувајќи дека Бесим бил Албанец и дека не работел на викендица на министерот Тимчо Муцунски, туку извршувал градежни работи на друга локација.

Златев изразува незадоволство и поради тоа што, според него, семејството на Дурмиши во изминатата година не добило сочувство од Ива Михаилова, која се споменува во случајот со сообраќајната несреќа. Тој критикува и начинот на кој, како што тврди, се зборувало за загинатиот по неговата смрт.

Осврнувајќи се на постапката, Златев наведува дека обвинителството ја товари Михаилова за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици од небрежност, оценувајќи дека неправдата кон едно семејство е прашање што ја засега целата заедница.

„Независно дали е Ром, Албанец, Бугарин, Србин, Влав, Турчин или Македонец, Бесим бил еден од нас и неправдата кон него е неправда кон секој граѓанин на Македонија“, пишува Златев.

Тој додава дека болката на семејствата што изгубиле близок човек е иста, независно од нивната етничка или верска припадност.

„Јас имам различна верска припадност од Бесим, по дома зборувам различен јазик од оној што тој го зборувал со своето семејство. Но, мене Бесим ми е посличен од Ива, со која споделувам јазик и религија. Затоа што прво треба да си ЧОВЕК, па потоа сè друго!“, наведува Златев во објавата, завршувајќи ја со порака за почит кон загинатиот.