
Иако имаше најави дека Божиќниот базар „Зимзоленд“ ќе биде отстранет, сепак базарот и понатаму работи.
Имено, Општина Аеродром најави дека ќе го отстрани забавниот парк „Зимзоленд“, откако инспекциски надзор утврдил дека луна-паркот речиси две недели работел без никакви дозволи и неопходна документација. Контролата беше спроведена по објавата на „Телма“, а општината ги потврди наводите дека организаторите немале ниту еден валиден документ за работа.
Од друга страна, на Инстаграм профилот на „Зимзоленд“ може да се види објава со програма за целава недела. На објавата споделена од пред еден ден, најавени се настапи за цела недела - денеска (17.12) со почеток од 19:00 часот ќе настапи DJ Che, како и утре (18.12) во ист термин дека ќе настапи Тамара Волчевска (Live Band). Со пополнета програма се и деновите од викендот.
Исто така, во последната објава на Инстаграм профилот на „Зимзоленд“ вчера беа споделени фотографии од дел од атмосферата, а во натписот на објавата повикаа на заедничка дружба.
„Добредојдовте во зимската магија на Зимзоленд! Додека зимата ни ја носи ладната свежина, ние го носиме топлиот дух на празниците! Прошетајте низ нашата боја на зимската земја, уживајте во шарените бонбони и слатки за најмладите и создадете незаборавни спомени во овој магичен зимски рај! Ве очекуваме заедно да се дружиме и да се забавуваме во Зимзоленд“, гласеше натписот на објавата.