„Зимзоленд“ ќе се отстрани: Лунапаркот работел две недели без дозволи и со низа прекршувања

Општина Аеродром ќе го отстрани забавниот парк „Зимзоленд“, откако инспекциски надзор утврдил дека лунапаркот речиси две недели работел без никакви дозволи и неопходна документација. Контролата беше спроведена по објавата на „Телма“, а општината ги потврди наводите дека организаторите немале ниту еден валиден документ за работа.

Увид извршиле инспектори од четири институции – општинската Градежна инспекција, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Дирекцијата за заштита и спасување. Од Пазарниот инспекторат соопштија дека биле затекнати лица кои вршеле нерегистрирана дејност, поради што ќе следуваат казни. Сопствениците на лунапаркот се повикани да достават целосна документација, вклучително и податоци за тоа кој управувал со „Зимзоленд“.

Сериозни прекршувања се утврдени и во делот на санитарните услови. Агенцијата за храна и ветеринарство при вонредна контрола констатирала дека организаторот не е регистриран како оператор со храна и дека воопшто не ја информирал Агенцијата дека во паркот ќе се продава храна.

„Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд, како и на правното лице организатор. Покрај парична казна од 500 евра, изречена е и времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна“, наведуваат од Агенцијата.

Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи интервенирало и во решавање на сообраќајниот метеж околу локацијата, по бројни реакции од жителите на околните згради кои со денови се жалеа на бучава и хаос – проблеми што, како што се утврди, ги создавал диво поставениот лунапарк.