Зимно време нозе ќе искршиш, летно време змија ќе те касне - корисниците се жалат на Градските гробишта Бутел

Градските гробишта Бутел во Скопје и натаму се лоша слика за градот и неубав пример за почит кон починатите, коментираат скопјани.

Иако проблемот со хигиената на градските гробишта не е од вчера, граѓаните велат дека се немоќни да сторат нешто, освен да ги чистат само гробните места кои ги поседуваат, додека за околните делови немаат дозвола.

Па така, до самото гробно место мора да се пробиваат низ ѓубре, неискосена трева, кал...

-Срамно и жално е толку пари да даваме, а да не се одржуваат. Нема во близина чешма, нема асфалт, газиме по земја... Добра заработка имаат ама не работат, коментира една скопјанка.

-Има една изрека:"Ако сакаш да го видиш менталитетот на народот отиди на гробишта". Тоа многу кажува за одност кон минатото и кон себе. Кај нас гробишта Бутел (не знам за другите) се мизерија. Зимно време нозе ќе искршиш, летно време може некоја змија да те касне. Кај ништо не прават (а први се за пари собирање), не дозволуваат ни сами нешто да средиме. За малку ќе не пријавеа во полиција затоа што без дозвола сме сакале да ја искосиме тревата, го споделува друга скопјанка своето иксуство.

-Нека појде раководството на АД Бутел во градови во Србија, во Хрватска да видат што е среденост. Земаат огромна пара, а гробиштата се хаос. Срамота само кај нас го има ова несреденост, советува еден граѓанин.

-Не треба да одат по други држави. Кога ќе одат во Охрид, нека ги посетат тамошните гробишта и да видат како се почитуваат починатите, се надоврзува друг.

-Сега кога ке ја косата требат од 1 метар висока па кога ке се разлета тоа косеното ситно по гробовите, да неможеш да исчистиш, забележува една скопјанка.

-Иако е АД, за овој сериозен проблем на скопјани уште од поодамна многу сериозно требаше да се ангажира Градот затоа што и гробиштата се огледало на градот, предлагаат граѓаните.