Зимава да не очекуваме чист воздух

Не можеме или не треба да очекуваме дека аерозагадувањето може да се реши така брзо, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервју за „МКД“, во кое зборува за двете изминати и двете години што му престојат во мандатот.

- Загадувањето ќе се реши на среден рок на начин што од сезона во сезона ќе имаме намалување на бројот на деновите со сериозно штетно загадување на воздухот, сѐ до нивно полека, полека исчезнување. Дека може да биде спроведена мерка од која како со нож пресечено ќе го намалиме загадувањето, тоа го нема. Има некои работи што можеле да бидат преземени и од порано, но навистина малку се правело. Лани, во споредба со последните 10 години, имавме најмал број на денови со загаденост на воздухот над дозволените концентрации. Не велам дека е тоа резултат на мерките што сме ги преземале, но факт е дека 28 мерки што сме ги вградиле досега не биле присутни како интервентни мерки, а можеле да бидат донесени и многу порано. Но и тоа има мал придонес во таквата состојба.Тоа не значи дека сезонава што ни претстои нема да имаме екстремни загадувања. Баш поради тоа во стратегиските работи сѐ уште сме на почеток на примената. Жално е што со децении наназад трите системи ЕЛЕМ, топлана Север и сегашен БЕГ, поранешна топлификација, не биле споени. Имате состојба северниот дел од градот да биде остров, неповрзан со другите делови, а имате само 776 корисници на топланата и тоа цената ја прави многу висока. Автоматски тоа е неатрактивно, а имате градежна експанзија во Чаир.Кога ќе ги поврзете тие системи, цената на енергијата ќе биде еднаква, а не како сега, кога за 20 и нешто проценти е поскапа за тој дел од градот. Тие работи, ако се размислувало исправно за нашиот град, до сега требало да бидат решени. За жал, изгубивме премногу време во тој административен дел. Ова го најавив уште лани во април, и конечно во август годинава ја завршивме таа борба за легализација на мрежата. Воведовме и некои нови мерки – акцијата за инвертори, пелетите останува да ги стимулираме, сериозно го развивме системот за алтернативен сообраќај, 14 километри нови велосипедски патеки, бесплатен јавен градски превоз… Тоа се работи што можат многу да придонесат, вели Шилегов.

Целото интервју на „МКД“.