ЖРК Вардар ја освои титулата во регионалната лига

Ракометарките на ЖРК Вардар ја освоија титулата во Женската регионална ракометна лига откако вчера во финалето што се одигра во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа големиот ривал Будуќност со 27:25 (15:14).

„Вардарки“ триумфот го најавија со одличниот настап на голманката Амадин Лејно, која во полуфиналето со Подравка не бранеше, а вчера имаше одличен почеток на финалето. ЖРК Вардар во финишот на првиот дел имаше водство од четири голови, но Будуќност преку бековите Кристина Неагу и Катарина Булатовиќ го намалија водството.

На почетокот на вториот дел „црвено-црните“ поведоа со 20:17, но кон средината на полувремето Будуќност поведе со 22:21. Македонскиот првак брзо ги консолидираше редовите и стигна до победата.

Најефикасна кај ЖРК Вардар беше Тамара Мавсар со шест постигнати голови, а Андреа Пенезиќ постигна пет. Во таборот на Будуќност, Неагу и Булатовиќ дадоа по осум голови.

Лејно е прогласена за најдобар голман на завршниот турнир, а Андреа Пенезиќ ја доби наградата МВП.

Во малото финале екипата на Крим постигна победа од 31:25 против Подравка.