Животот го посвети на хуманоста: Патот до славата на кралицата на ромската музика

Есма Реџепова, кралицата на ромската музика, почина денеска по кратко боледување на 73. годишна возраст. Таа вечно ќе се памети по неповторливиот глас, како и хуманоста.

Есма е родена на 8 август 1943 година, таа е петто дете од шесте на Чанија и Ибраим Реџепови. Се родила во мала куќичка во Скопје. Таткото Ибраим во бомбардирањето на Скопје во април 1941 година ја изгубил едната нога. Се обидел да ги прехрани четирите ќерки и двата сина како чистач на чевли, но бидејќи останал инвалид, некој постојано морал да му ја носи кутијата со бои и четки. Покрај другите браќа и сестри, и малечката Есма станала помошник на татка си. Но, наскоро го проширила „бизнисот“, па им помагала и на другите чистачи на чевли во Скопје. Таа била нивниот главен снабдувач со „репроматеријал“. Трчала до тогаш единствената работилница за производство на боја за чевли „ималин“ и набавувала за сите. Парите што чистачите и ги давале за автобуска карта, таа ги штедела за кино билет, а најчесто во набавки одела пеш.

Никогаш не се срамела од работата, ниту кога сиромаштијата го принудила деветгодишното девојче да чисти скали и да брише прозорци во домовите на имотните скопјани. Имала прекрасен глас секогаш широка насмевка и ведра природа. Нејзината мајка никогаш не запеала. Татко и Ибраим пеел, но само за своја душа, зашто пеењето по кафеани го сметал за недостоинствена работа. Неговата 13-годишна ќерка Есма била вљубена во песната, но тој всушност и не знаел дека таа веќе ја пленила публиката со својот глас, пеејќи песна во една театарска претстава и дека добила покана да учествува на меѓучилиштен натпревар во пеење во Сарај.

Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Жената со божествениот глас почнувајќи од првото музичко откривање на 11 март, благодарение на ангелскиот глас стана светски прифатена и призната, таа со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам го освои светот. Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност.

Почивај во мир легендо!