Животот е краток, бидете нечие сонце во дождливите денови

Бидете нечие сонце, нечиј петок, нечија прегратка кога нештата ќе тргнат на лошо.

Photo by Priscilla Du Preez on Unsplash

Иако мислиме дека можеме сами (и веројатно можеме), на сите нам ни е потребна поддршка од друга личност. Убаво е чувството кога знаеме дека некому можеме да се потпреме и да бидеме потпора во тешките моменти.

Тогаш не мораме да правиме премногу, можеме само да бидеме тука за нив, да бидеме целосно присутни, да слушаме, да понудиме рамо за плачење. Не се потребни големи и грандиозни дела, важна е волјата.

Многу луѓе минуваат низ својата болка сами, мислејќи дека се товар за другите. Така поминуваат денови и денови, а ние можеби не сме свесни за тоа низ што минуваат. Но, само кога би нашле момент, кога би го тргнале погледот од своите мобилни телефони, кога би ги погледнале во очи и би ги прашале искрено и вистински како се, би го знаеле одговорот.

За некои луѓе помошта доаѓа кога ќе ги ислушаме, за други преку совет, а за трети пак со самото присуство. Топол чај во тишина, убаво кафе низ разговор или саботен ручек кога можат да заборават на она што им се случува.

Живееме брзо и модерно и сите сме зафатени, но не треба секогаш да биде така. Не мораме да бидеме тука за сите луѓе, но доволно е да направиме мал напор за оние најблиските кои го заслужуваат тоа. 

Вистински и искрено.