Животот е фестивал, животот е љубов!

Научив дека животот може да биде непредивдлив. Дека постојат милион работи на кои не можеш да влијаеш. Дека ќе боли. Дека ќе плачеш. Дека животот некогаш ќе те гуши. Кога тоа ќе го научиш кога си помлад, тогаш кога ќе пораснеш веќе ќе знаеш како да ги одбираш своите среќни моменти. Учиш како да се ослободиш од горчината и негативноста. Учиш како да не се вознемируваш околу работите поврзани со пари. Учиш дека тие работи не треба да ти бидат приоритет.

Животот би можел да биде фестивал. Животот би требало да биде фестивал. Исполнет со бои, насмевки, музика и сите оние работи кои го разубавуваат твојот живот. Како кога ќе легнеш на мека перница или на чиста постелнина. Оваа година решив дека ќе одам на еден локален фестивал. Мојата претходна работа никогаш не ми дозволуваше да земам слободен ден во тој период, а и ми ја одземаше сета енергија која ми беше потребна за радост. Тој фестивал обединуваше многу работи кои ги сакам. Природа, вода, музика и некои луѓе кои ги делат истите интереси како и јас. Барем во поголемиот дел. 

Ми требаше одмор. Потребни ми беа денови без интернет, политика, болести и негативност. Некои пријатели ми се чудеа како ми е дојдено до тоа, затоа што веќе сме стари и дека ќе врнело. А јас навистина сакам дожд. Некои луѓе успеаа и дождот и шаторите и калта да ги претворат во едно од најдобрите искуства во мојот живот. Избрав среќа и знаев дека можам да влијаам на тоа да бидам среќна. Одбрав да не ме нервира фактот што не можам да ја исушам косата со фен или фактот дека облеката не ми мириса да омекнувач. Одбрав да ја игнорирам раната на ногата. Одбрав да ја игнорирам бучавата која траеше цела вечер, кога моето тело повеќе не можеше да издржи да биде дел од таа бучава. Одбрав да биде прекрасно и навистина беше. 

Сѐ беше љубов. И не знам колку пати имам чуено дека политиката е глупост. И тие денови ја живеевме таа филозофија, а тие луѓе во секојдневието не можеш да ги забележиш поради глупостите кои нѐ опкружуваат. Животот би требало да биде фестивал. Живописен, интензивен. Животот би требало да биде позитива. Животот би требало да биде збир од прекрасни работи. Животот би требало да биде таков што ќе се радуваш кога ќе се разбудиш и да сакаш подоцна да заспиеш. Животот навистина и би можел да биде таков, бидејќи голем дел од овие работи се во наши раце. Животот би требало да биде полна батерија, а не 33%. За живот не треба да бидеш стар. Животот не е „немој ова“ или „не е примерно за твоите години.“ 

Во еден момент, јас ги испразнив моите батерии. И морав да кажам: „Доста е“. И не беше лесно. Не беше лесно да се притисне пауза и да не знаеш што ќе правиш утре. А можеше да биде лошо и да биде неизвесно. Не беше. Научив дека за повеќето работи во животот човекот е самиот одговорен. Никој нема да дојде да те убеди да излезеш од ситуација во која ти не сакаш да бидеш. Тоа мораш сама да го направиш. Без оглед на тоа дали се работи за лоша работа, лошо другарство или лош брак. Мораш сама. Секој од нас заслужил животот да му биде фестивал. Среќен и исполнет. Секој од нас заслужил да има ден кога се будиш среќен. И повеќето од тие работи се во твоите раце. 

Понекогаш мора да го подбутнеш животот во правецот во кој ти сакаш да одиш. Мораш и ти некогаш да му кажеш: „Ајде, одиме.“ Животот е фестивал. Животот е љубов. Животот е море од оние работи кои можат да ја поништат и политиката и глупавата работа која не ја сакаш, но ти треба. Животот може да биде среќен и кога во него нема трошка лусуз. И најчесто е така. Животот може да биде и паштета на паркинг. И така си среќен. Затоа што некои од најдобрите работи не може да се купат со пари. И затоа живејте го својот фестивал, до максимум, а со 33% батерија.