„Алхемичарот“ е една од најпопуларните книги во светот, но и во Македонија. Оваа приказна нѐ воведува во длабочините на човековата душа и човековиот живот. Се работи за кратка приказна од околу стотина страни, но од која можете да извлечете бројни поуки.

Ние денес ги извлековме најважните 5 животни лекции кои можеме сите да ги научиме од оваа книга.

Следете си го срцето и следете си ги соништата

Сите имаме наш повик, копнеж и страст за одредени луѓе или места и сакаме да искусиме одредени работи во животот. Да го следите срцете значи да слушнете што има да каже и да се водите според него, наместо постојано да се преиспитувате и да анализирате сѐ.

Живејте во сегашноста

Жалењето по минатото, вклучувајќи го и каењето за некои работи нема да ви помогне да го вратите времето назад, а грижењето за тоа што може да биде ја намалува нашата моќ да уживаме во животот. Секако дека е пожелно да учиме од минатото, но каењето и грижата на совест се чувства кои нѐ влечат надолу и предизвикуваат страдање. Сегашноста е најважна, со тоа што се фокусираме на она што се случува сега и тука, имаме можност да го трансформираме нашиот живот и животите на другите во нашето опкружување.

Внимавајте на знаците кои ви ги праќа Универзумот

Универзумот секогаш се обидува да ни помогне преку мали знаци со цел да го избереме најдобриот пат. Доколку ја имате прочитано книгата, сигурно се сеќавате на легендарната реченица која воедно е една од најпознатите мисли на Коељо: „Кога посакуваш нешто доволно силно, целиот Универзум кова заговор за да ти се оствари тоа.“ Затоа, ширум отворете ги очите!

Вистинските животни богатства не се секогаш материјални

Иако можеби посакувате да стекнете големо богатство во текот на животот и тоа ви е животна цел, сепак најважно нешто е патувањето кон таа цел. Секое искуство, без оглед на тоа дали е големо или мало, или дали го сметаме за позитивно или негативно, доаѓа со можност за напредок и развој. Откако еднаш ќе прифатиме дека тој развој ни помага да се трансформираме и да бидеме подобри, тогаш можеме да ги прифатиме сите лекции кои ги откриваме по патот.

Сите имаме некаква цел во животот

Секој човек доаѓа на овој свет со некаква цел. Нашиот живот има смисла и е многу вреден. Не станува збор за цел која ја поставуваме за еден месец или година, туку нешто што го носиме во нас од раѓање. Нешто што мораме да го постигнеме пред да го напуштиме овој свет. Можеме да го оствариме тоа само доколку сме во хармонија со останатиот свет.