Животната приказна на скопјанецот Паша: Имав сe во животот, а сега сум бездомник

Стационарот кај Момин Поток постои шест години и има капацитет од 16 лица, а низ него досега минале околу двесте бездомници. Во него оние што имаат потреба можат да се стоплат во студените зимски денови, а во топлите летни денови успеваат да се засолнат од пеколните сончеви зраци.

Еден од луѓето што го посетуваат овој пункт е и Даут познат како Паша. Тој речиси три години е бездомник, а неговата животна приказна е полна со подеми и падови. Пред десетина години тој имал убав живот, своја фирма во која имал сигурно вработување, жена и две деца. Вели дека работата многу добро му одела, меѓутоа поради борбата за што повеќе пари завршил во затвор и одлежал седум години. Оттогаш, сѐ тргнало надолу. За маката да биде поголема, се заљубил во друга жена, поради која ја загубил својата. Неговиот најголем порок бил комарот и откога изгубил сѐ, немал веќе каде да оди. Утеха нашол тука, во Момин Поток. Сега работи како фризер во пунктот два дена во месецот од што заработува илјада денари, пишува Нова Македонија.

- Имав сѐ во животот. Буквално сѐ што човек може да посака. Бизнисот ми цветаше, низ текот на годините направив многу пари, имав прекрасна жена и две ќерки. Но, ете животот не испланирал да биде сѐ така убаво. Завршив во затвор, се заљубив во погрешна жена поради која ја оставив мојата. Сега ни таа ни моите деца не сакаат да комуницираат со мене. Сите пари што ги имав ги прокоцкав. Тоа е најголемиот порок на денешницата. Најверојатно морам да си ги платам грешките што сум ги направил. Сега гледам на животот со други очи. Но, што е тука е, продолжувам понатаму да работам како фризер тука и сум бескрајно благодарен на пунктот што ми овозможува втора шанса за живот. Без овие луѓе тука јас не можам да живеам. Ним им должам сѐ и бескрајно сум им благодарен. Јас сум борец и верувам во себе, ништо не ми можат ни овие четири бајпаса што ги имам во мене - вели Дуат.  Уште многу други тажни човечки судбини чекаат на ред за втора шанса не е само Паша со таква судбина во земјава. Некои од бездомниците се борат да го вратат својот стар живот, додека некои од нив сѐ уште бараат утеха во пороците за да избегаат од реалноста.

Голем број од нив не се враќаат на патот по кој некогаш чекореле, додека преостанатите ги вложуваат сите свои напори.
- Во овие летни горештини на бездомниците што доаѓаат тука им нудиме оброк, ладни напитоци, како и тоалет каде што можат да се избањаат. Секој петок околу 50 луѓе доаѓаат да се освежат. Нивната валкана облека ја заменуваме со нова, а на располагање имаат и фризерски и лекарски услуги. Секој петок со нив работи и психолог, кој несебично сака да им помогне да се вратат на старите патеки - изјави Драгана Лазаревска, координаторка во пунктот во Момин Поток.

Од вкупниот број бездомници што ги користеле услугите на пунктот во Момин Поток, петмина имале среќа да најдат работа и тоа со помош на градските власти. Сега тие работат во јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и веќе не го посетуваат центарот.

- Лицата што нашле работа повеќе не ги користат услугите на пунктот, иако тоа не им е забрането. Тие се доволно свесни дека сами заработуваат, па немаат потреба од нашите услуги. Ние сме среќни што успеавме неколку од нив да издигнеме од калта и да успеат да продолжат со нормален и достоинствен живот. Ете по сѐ изгледа животот на овие луѓе им дава втора шанса преку нас - вели Лазаревска.