ЖИВОТ ВО ЕЛИТНА НАСЕЛБА: Колку чини еден квадрат убава куќа во Скопје?

Живеењето во квартови изолирани од дневната врева и загадување не е новина и во Македонија. Да се живее во една таква елитна населба во Скопје претставува престиж и значи да се покаже дека се има пари бидејќи луксузот што се нуди, чини. 

Од 1.200 до 1.400 евра за квадрат треба да се плати за да се купи убава куќа во Скопје. Дури и за помалку пари може да се најде луксузен индивидуален станбен објект, во зависност од тоа во кој дел од градот се наоѓа. Но, затоа, пак, не се знае колку чинат индивидуалните куќи или станови во елитните населби од затворен тип и кој се живее таму.

Сепак, во Скопје, барем засега, постојат само неколку комплекси од затворен тип тоа се Злокуќани, комплексот „Верина“ во Орман кај селото Волково, како и комплексите „Сити вју ресорт“ и „Соравија ресорт“ на падините на Водно.

Злокуќани е единствената населба од затворен тип составена од повеќе индивидуални куќи, додека „Верина“ се состои од седум станбени објекта со вкупно 58 ексклузивни стана кои имаат површина од 170 и 210 квадратни метри. Kомплексот има 15.000 квадрати зелена површина, порибено езеро со површина од 5.000 квадратни метри, вештачки водопад, базен со пикник-простор, потоа рекреативни терени, детско игралиште, билијард-клуб и фитнес-центар опремен со сауна и турска бања. Kомплексот на Водно „Сити вју ресорт“, пак, се состои од две згради со вкупно 68 стана со големина од 60 до 120 квадрати. Се наоѓа на 600 метри надморска височина на левата страна на Водно. И во „Соравија“, кој е на местото на некогашното Олимписко село има повеќе згради со ексклузивни станови, а составни сегменти на луксузното живеење во комплексот се спортски игралишта, базен, спа-центар, сауна, продавници. Kолку чини домувањето во еден ваков елитен простор, останува тајна за пошироката јавност.

Сепак, не е тајна дека во Скопје има куќи што се продаваат и за еден, па дури и за 1,5 милион евра. Лоцирани се најмногу на Водно, каде што се наоѓаат и најголемиот број странски резиденции. Дали нивната вредност е оправдана, не се знае, но оваа цена не може никој да ја потврди бидејќи такви објекти не може да се најдат на официјалниот пазар на недвижности, туку се продаваат преку директно договарање.