Живковски: Итно да се повлече предлог ДУП-от за Расадник кој предвидува повеќе од 120 згради

ВМРО-ДПМНЕ денеска организира протест на кој побара повлекување на предлог ДУП-от за Расадник.

„Зошто протестираме? Предлог ДУП-от за Расадник предвидува повеќе од 120 згради од кои најголемиот дел се тринаесеткатници. Не предвидува никаква зелена површина и сметаме дека со евентуалното усвојување на предлог ДУП-от ќе се закочи во целост функционирањето на овој дел од градот, во кој што и онака владее безредие, владее урбан хаос, а општината буквално не презема ништо за регулирање на овие проблеми на граѓаните“, изјави Иван Живковски претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кисела Вода.

Според него, од евентуалното донесување на ДУП-от би се населиле во новата населба повеќе од 20.000 граѓани.

„20.000 граѓани кои треба да гравитираат околу општината, 20.000 граѓани кои што ќе треба да влезат преку овие инфраструктурни патишта кои ги имаме во моментот и на тој начин би се блокирал и онака веќе постоечкиот хаос кој што владее веќе одамна во Кисела Вода. Ние се обидовме повеќе пати да апелираме до градоначалникот и до локалната власт да го повлечат ваквиот ДУП. ВМРО-ДПМНЕ не било и нема да биде против урбанизација, меѓутоа не на ваков начин и не во ваква форма“, рече Живкоски.

Најважното е да се каже, додаде тој, дека со евентуалното изгласување на ваквиот предлог ДУП ќе придонесе за и онака загадениот воздух во овој дел на градот да биде уште поголем затоа што ќе спречи циркулација на воздухот од околните планински превои.

„Ваквиот ДУП каков што е изработен претставува сериозен проблем за градот Скопје, не само за граѓаните на Кисела Вода, така да евентуалното негово донесување ќе биде уште еден дополнителен хаос пред се во општината Кисела Вода“, изјави Живковски.