Живеј во своја кожа, а не во туѓите очи и ќе се чувствуваш како да си на врвот на светот

Денес сум свесна дека во одреден период во животот сите влегуваме во вртлогот на некакви наметнати и ненаметнати ставови, важни и помалку важни туѓи мислења и на крајот, човек почнува да „пребира“ низ сите тие понудени одговори. Се имам изнаслушано најразлични мислења, се имам изнагледано и различни сценарија и секојпат сум се заблагодарувала на оние кои ме научиле нешто. Како навистина еднаш засекогаш да им кажеме: „Не ме интересира твоето мислење“, без притоа да се чувствуваме неудобно и да не ни биде незгодно? 

Едноставно е, многу едноставно! Само погледнете во животот на тој што се обидува да ви ги сервира своите мислења, да ставите на вага сѐ оствариле или не оствариле, дали може таа личност да ви „соли“ памет доколку и самата личност има хаотичен живот особено во тие области? Тоа треба да ви биде најдобриот компас за тоа чии мислења треба да ги земете предвид. Кога некој го живее она што го проповеда, тогаш да, треба да слушнете што имаат да кажат, сѐ останато е само празно дрдорење и наметнување на некакви ставови. И кога ќе се најдете на животна раскрсница, повторно слушајте се себеси и своето срце. 

Баталете ги туѓите мислења, живејте во својата кожа, а не во туѓите очи. Единствена верзија на животот која треба да ја живеете и таа која самите ќе ја создадете. И така живејте со својата визија за себеси во својот свет.  И додека си живеете во својот свет, другите ќе останат заробени во некој паралелен универзум во кој размислуваат за вас, водени од личните стравови, сопствената несигурност, живеејќи само некаков тежок животен фотошоп. 

Верувајте ми на зборот, живејте во својата кожа, а не во туѓите очи“ и ќе ви биде многу убаво.