Живееше за Драмски, лудо ја сакаше оваа сцена...порачаа на Комеморацијата на Марин Бабиќ

Со аудио снимка на која покојниот Марин Бабиќ рецитира поезија и видеозаписи од неговите драмски претстави и филмски и телевизиски остварувања денеска во Драмски театар почна комеморативната седница за познатиот актер и творец на манифестацијата „Глумците пеат“ кој по кратко и тешко боледување почина на 15 октомври во Скопје на 74-годишна возраст.

-Го сакаше Драмски, живееше за и во него. Беше дел од неговите ѕвездени моменти. Толку лудо ја сакаше оваа сцена што знам колку тешко му падна кога мораше да се раздели од неа. Сепак смислуваше начини како да и се врати со некои нови проекти и улоги. За жал, планот не му успеа. Тоа беше Марин – животот му беше театар, а театарот живот во буквална смисла на зборот, рече неговата ќерка Маја на комеморацијата.

Нагласи дека Марин бил добар татко и добар човек, добродушен и со многу верба во луѓето.

-Имаше само еден смртен непријател и тој се викаше Марин Бабиќ. Постојано беа во кавга, душата си ја вадеа и не сум сигурна дали на крај ги закопаа воените секири. Беше боем во душата, заљублив по вокација, радискиот пријател во ноќта, одличен говорник на поезија и голем груман и одличен готвач, посочи Маја.

Го опиша како прецизен, ситничав, но со јасна визија што сака да направи поради што, како што рече, не им било лесно и на неговите колеги.

-Тој јас и сестра ми Ира истовремено уживавме работејќи на неговиот животен проект „Глумците пеат“. Многу актери доживеаја ѕвездени моменти токму на „Глумците пеат“, а некои и се прославија. Беа тоа убави времиња. Ни ги остави во наследство со аманет кога тогаш да ги обновиме. Ќе го направиме тоа. И двете сме бескрајно благодарни што Марин го имавме за татко со сите негови добри и не толку добри страни. Дали можеше подобро? – секако дека да. Дали можеше повеќе и подолго? – да. Дали можеше или требаше поинаку? – не, порача Маја.

Нагласи дека неговата последна улога ја извел беспрекорно и маестрално.

-За разлика од неговиот непредвидлив живот, заминувањето како да му беше смислено од почеток до крај. Како вистински грижлив родител се погрижи да не не истрауматизира со неговата болест, но ни остави доволно време да станеме свесни дека заминува. Не дозволи да видиме страдање, ниту болка. Беше бескрајно спокоен и така замина во сон. Целосно се погрижи да не ги измалтретира неговите девојчиња, истакна Маја.

На барање на директорката на Драмски театар Катерина Коцевска присутните колеги за последен пат заедно се качија на сцената, на која одеа инсерти од видео записи од актерските остварувања на Марин Бабиќ, и со аплауз го испратија доајенот на македонското глумиште во вечноста.

Марин Бабиќ е роден на 24 октомври 1947 година во Белград. Првите години ги поминува во родниот град, а потоа се доселува во Скопје каде го поминува детството. Средно училиште завршува во Прилеп каде се сели со семејството заради работниот ангажман на неговиот татко. Токму во Прилеп се раѓа неговата љубов кон театарот. Неговиот татко е првиот претседател на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а Мирко Стефановски за првпат го воведува на „штиците што живот значат“. Првата реплика во Народниот театар во Прилеп ја изговорил кога имал осум години. Тогаш му станало јасно што сака да биде во животот и на едно ливче напишал – или глумец или магаре.

Во 1971 година дипломирал на Театарската академија во Софија и истата година станува дел од Драмски театар – Скопје, каде го поминува целиот свој работен век. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти.

Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, „Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7“, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сказна за времето“, „Сили во воздухот“, „Самоубиец“, „Балконот“, „Не сега драга“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Ферхад и Ширин“, „Демонот од Дебар Маало“.

Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: „Бушавата азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20-от век“...