Живееме во просто општество: Ме исмејуваа бидејќи сум татко, а користам породилно боледување

Жената оди на работа, а мажот го чува бебето. Статистиката на ФЗОМ покажува дека од година в година се зголемува бројот на мажи кои го искористиле оваа законско право, но нивната бројка е сепак мала. Која е причината?

Влатко е татко од Скопје. Тој работи како економист во скопска приватна фирма. Откако стапиле во брак со сопругата Ирена, пет години не можеле да добијат бебе. Откако им се исполнил сонот и веднаш откако им се родила нивната ќерка Миа, на Ирена и била понудена работа, според професијата, да биде професор по англиски во приватна фирма. Ирена никогаш претходно не работела, па се мислела, знаејќи дека дома има штотуку родено бебе. Во консултација со својот сопруг, одлучиле, Ирена да ја прифати работата, а Влатко да земе породилно боледување и тој да го чува бебето. И се било така.

-Кога им кажав на колегите на работа, веднаш почнаа да се смеат. Сите, до еден. И мажи и жени. Тие денови постојано имаше смешки на моја сметка. Секако не им замерував, но знаеја да бидат нападни. И не само тие. Почнаа да се исмејуваат со мене и другарите и роднините и соседите. На сите им беше чудно. Не престанаа да зборуваат цели 9 месеци, додека седев дома. Секако, тоа не допираше до мене, но не е убаво кога знаете дека си мета на озборување, вели Влатко.

-Каде живееме? Во какво општество? Се чудам и не можам да се начудам. Луѓето не си гледаат за себе, едвај чекаат да се случи нешто ново кај некој и веднаш да ги отворат устата, додава Влатко.

-И кај мене на работа ми се чудеа и постојано ме прашуваа не ли се чувствува Влатко глупаво што користи подорилно боледување, раскажува Ирена.

Нивната ќерка денеска оди во градинка, а Влатко се вратил на работа.

Македонскиот закон за работни односи предвидува право на платено отсуство од работа заради бебе или само на мајката или само на таткото. Колкава е платата на корисникот толку пари му исплаќа  државата 9 месеци. Ако таткото сака да ја искористи оваа можност треба да достави  извод на родените за детето и потврда дека мајката се враќа на работа. Но, родилката тоа не смее да го направи во рок пократок од 45 дена по породувањето.

Ова право кое станува тренд и во Македонија повеќе години се спроведува во Западно европските земји, но таму извесен период и двајцата родители добиваат надомест.  Во Исланд дури 90 отсто од татковците одат на породилно, во Шведска тоа го прават 85 проценти, Во Германија 15 насто, а во Велика Британија 8 отсто.

И познати светски личности ја користеле оваа можност. Принцот Вилијам и поранешниот премиер Дејвид Камерон се грижеле за своите деца  во првите месеци од нивниот живот.