Живееме во лажна фотошопирана реалност на социјални мрежи и ништо повеќе од тоа...

Ја буткаме несовршеноста во дупки, да ја скриеме. Никој да не ја види и пронајде. Што ќе ни е?

Сликите минуваат низ 100 филтри. Ја зголемуваме устата. Го избелуваме тенот. Ги затегнуваме вратовите. Ги стеснуваме струковите. Не си го ни препознаваме одразот во огледало.

Рано наутро. Еве ме мене, разбушавена, косата ми е како птица да си направила гнездо во неа, ете ми ги и подочњаците, широка маица од сопругот обесена на мене, бледа како крпа и ене и по некоја брчка. Ете правам чорба, се слуша како крчка во позадина. Кучето гребе на врата, сака да излезе надвор.

И баш гледам низ прозорец и размислувам како сите ние ги сокриваме несовршеностите за да се наметне една лажна, намонтирана и многу често мачна слика.

Она што е најинтересно е дека најубавите и најоригиналните слики кои ги гледам на социјални мрежи се сликите на кои се гледаат несовршености, кога позадината изгледа човечна, а не до болка средена, само за да изгледа убаво на слика. И тие слики се прекрасни, човечни, преубави, за разлика од 90% од сликите кои очигледно е дека се местени за да добијат повеќе лајкови на сликите. И тие слики се „пресовршени“.

Ние живееме во „совршен свет“, со „совршени луѓе“ кои надвор од социјалните мрежи се мизерни, несреќни и на раб на нервен слом. Ама важно имаат лајкови на сликите. И не планираат да застанат и да земат здив. Сакаат да се претопат во намонтираната совршеност во форма на избелени насмевки, испеглани коси, фотошопирани задници, гради, половини, фотошопирани деца, најдобри сопрузи, фотошопирани животи....

И не само тоа, на крајот на денот, дури и одразот во огледало станува фотошоширан, а душата плаче и вришти затоа што не може да го пронајде својот мир.