Живее во Центар, а влегува во трката за градоначалник во Бутел. Вакви неофицијални информации кружат за актуелните кандидат за градоначалник на општина Бутел од владејачката партија СДСМ.
Според информациите до кои дојде Скопје Инфо, Велимир Смилевски е по потекло од Бутел, но тој долго време живее во општината Центар.
Тој истовремено е актуелен советник од СДСМ во Советот на општина Бутел и е познат како успешен приватен стопанственик, односно подолго време е инвеститор на неколку згради во општината Центар.
На социјалните мрежи деновиве кружат реакции токму за оваа кандидатура. Граѓаните се во дилема и прашуваат: Дали човек кој не живее во таа општина чесно е да се бори за да добие мандат за градоначалник?
Кампањата на СДСМ во Бутел се води под слоганот „За живот во Бутел“ што дополнително предизвика реакции и коментари на социјалните мрежи. Познато е дека во оваа скопска населба се наоѓаат градските гробишта на Скопје.