
Жителите на скопската населба Волково во последните неколку денови се соочуваат со чести прекини на електричната енергија. Според нивните реакции, струјата снемува и по неколку пати во текот на денот, што создава сериозни проблеми во секојдневното функционирање на домаќинствата.
Дел од граѓаните велат дека веќе имаат материјална штета. Поради ненадејното исклучување и повторно вклучување на електричната енергија, им се оштетени домашни апарати. Една скопјанка сведочи дека денес останала со расипан фрижидер, за кој се сомнева дека престанал да работи токму поради честите прекини и осцилации во напонот.
Жителите информираат дека се обратиле до ЕВН, но, како што велат, засега немаат добиено одговор. „Одамна само молк“, посочуваат тие. Дополнително, упатиле и барање до Општината за итно решавање на проблемот и трајна стабилизација на електроснабдувањето.
Поради, како што велат, игнорантскиот однос и отсуството на конкретна реакција, дел од жителите најавуваат протести и можни блокади на улици доколку проблемот итно не се реши. Тие бараат надлежните институции во најкраток рок да излезат со официјална информација за причините за честите прекини и со конкретен план за надминување на состојбата.