Жителите на Стајковци добија канти за селекција на ПЕТ амбалажа и лименки во домаќинствата

Во Стајковци, општина Гази Баба, денеска беше стартуван првиот пилот проект во државата за селекција на ПЕТ амбалажа и лименки во домаќинствата!

- Заедно со Центарот за климатски промени, ја отпочнуваме оваа важна еколошка иницијатива како дел од поширокиот проект „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелена Агенда за Западен Балкан“.  Денес им ги поделивме кантите за селекција на граѓаните од Стајковци и им ја објаснивме целата постапка. Навистина ми е мило што видов колку се подготвени, заинтересирани и посветени да дадат свој придонес. Оваа поддршка од граѓаните ни дава сила да продолжиме уште посилно! - порача денеска од терен градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски. 

Секое домаќинство што е дел од пилотот ќе има посебни канти за пластика и лименки, а собраниот отпад ќе се подига на секои две недели – или по договор, во согласност со реалната динамика.

Што значи ова?

- Намалување на количеството отпад што оди на депонии

- Подобрување на квалитетот на воздухот, почвата и водите

- Зголемено рециклирање

- Поголема еколошка свест во заедницата

- Исполнување на европските и националните стандарди за одржливо управување со отпад.

 Сето ова е само првиот чекор, велат надлежните. 

- Нашата визија е Гази Баба да биде пример за тоа како една општина може со одговорност и иновација да ги подобрува условите за живот – денес, но и за генерациите што доаѓаат. Ќе продолжиме активно да ја шириме оваа иницијатива и во другите населени места од општината – затоа ве повикувам сите: бидете дел од промената!, заклучи Стефковски.