Жителите на скопската населба Топаанско Поле не ја сакаат вртелешката од проектот „Скопје 2014“

Жителите на скопската населба Топаанско Поле не ја сакаат вртелешката од проектот „Скопје 2014“ која што поранешниот градоначалник Коце Трајановски ја постави на кејот на Вардар кај Министерството за надворешни работи, дознава СДК.

Градоначалникот Петре Шилегов во јануари најави дека вртелешките ќе се тргнат бидејќи првата на плоштадот Македонија е поставена на несоодветна локација односно го блокира кејот на Вардар, а на втората пред МНР нема доволно посетите. Тогаш беше најавено дека реквизитите ќе се носат во општините Аеродром и Чаир, но оттогаш поминаа 4 месеци а тие уште го блокираат кејот и не се отстранети.

Градоначалникот Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека имаат проблем бидејќи на локацијата во населбата Топаанско поле граѓаните не сакале да им се стави вртелешка и затоа досега тие не се преместени.

„До крајот на мај ќе се отстрани вртелешката и другите реквизити кои се наоѓаат на кејот на Вардар на плоштадот Македонија. Тие ќе се однесат во населбата Ново Лисиче. За втората вртелешка од кај МНР уште бараме локација оти граѓаните од Топаанско Поле каде планиравме да ја ставиме се противеа на оваа наша идеја. Сега заедно со ЈП‘Паркови и зеленило‘ бараме друга локација во општина Чаир“, вели градоначалникот Шилегов.