Жителите на Ново Маало правно ќе се борат за реализација на проектот кај Холидеј Ин

Жителите на скопско Ново Маало од почетокот го поддржуваат проектот за урбанизација на делот кај Холидеј Ин. 

Тие сметаат дека овој проект ќе им овозоможи современи услови за живеење и дека иако јавноста се противи, тие кои се директно засегнати од градењето на таа парцела се сосема за реализација на проектот. 

Спротивно на другите петиции, тие поднесле петиција против суспензија на ДУП-от и се спремни правно да се борат за проектот. 

„По досегашните консултации со правни експерти, децидно укажуваме дека нашите права се неопсориви, пред се правото на сопственост на имотот со кој располагаме што е уставно загарантирано право на секој човек. Правото на сопственост како уставно загарантирано право на сопственикот му дава права имотот да го држи, целосно да го користи и да располага со него по своја волја.

Досега делуваме конструктивно, но сега, уште еднаш повторуваме дека сме целосно подготвени да ги искористиме сите правни механизми за што и официјално започнавме правни консултации, доколку општината одлучи да го суспендира ДУП-от со кој сме засегнати.

Уште еднаш укажуваме дека суспензијата ќе ни ги загрози правата кои ги наведуваме и заради тоа ќе поднесеме колективна тужба за претрпена штета од 1930 до 2021 година пред државните институции, но и до Стразбур. Како што наведовме и претходно, работиме и на пријава до Управна инспекција заради непостапување на општината.

Исто така, напоменуваме дека до добивање на конечен одговор на нашите тужби, до последниот ден, ние жителите на Ново Маало ќе ги блокираме сите улици кои ја оградуваат парцелата.“, велат тие.