Речиси секое лето жителите на Горно Нерези во скопската населба Карпош мака мачат со водата за пиење. Проблемот е што ја немаат. Како што кажуваат жителите од скопското претпријатие „Водовод и канализација“ не се заинтересирани да им се реши проблемот иако многу пати до сега алармирале до општината и до ова јавно претпријатије.
Жителка за Скопје инфо вели дека вода е донесена до Средно Нерези во време кога Стефан Богоев раководел со општината но тука работите застанале иако поднеле неколку барања до општина Карпош.
„Горно Нерези не е приклучено на водоводната мрежа и ние немаме вода за пиење. Куќите имаат бунари со техничка вода, но и тие летно време имаат проблем и нема вода. Ние не сме приклучени на Водовод. Сме поднесувале барања но општината нема интерес да донесе вода. До средно Нерези донесоа вода во мандатот на Богоев, а Горно Нерези никогаш немало вода за пиење“ вели жителка на Горно Нерези
Таа додава дека во едно од барањата што го имаат пратено до Водовод добиле одговор дека во далечната 1996 година била направена некаква каптажа но поради тоа што жителите тогаш не сакале да плаќаат не го направиле водоводот.
„Пуштивме барања за водовод да ни донесат и добивме одговор дека тие во 1996 година направила некаква каптажа ама селаните тогаш пред 28 години, не сакале да плаќаат, па затоа не го направиле водоводот. Никој не се сеќава што било пред 28 години, пола се починати а поголем дел од куќите не ни постоеле тогаш“ вели таа
Пративме прашања до Општина Карпош во врска со овој горчлив проблем на жителите на Горно Нерези за тоа дали општината има план да ги приклучи на водовод. Од таму добивме одговор дека општината не е надлежна за овој проблем.
„Имаме разбирање за проблемот на жителите на ова населено место, но во исто време мора да се нагласи дека планирањето и реализирањето на проекти за изведба на водоводна мрежа е целосно во надлежност на ЈП Водовод и канализација - Скопје, односно во ингеренции на Град Скопје. Доколку оттаму имаат потреба за било каква помош од страна на Општина Карпош
при реализацијата на проектот, ние како општина им стоиме на располагање“, се вели во одговорот на општината.
И додека надлежните си ги префрлаат ингеренциите и се прогласуваат за ненадлежни жителите на Горно Нерези секое лето мака мачат со водата за пиење зошто ја немаат.