Жителите на Ѓорче Петров и денес на протест поради сообраќајниот хаос

Жителите од скопската населба Ѓорче Петров за денес попладне во 18 часот повторно најавуваат нов протест поради безбедност, односно против сообраќајниот хаос кој се случува во нивната населба.

Протестот како и изминативе денови ќе се одржи на улицата „Борис Сарафов“ пред основното училиште „Мирче Ацев“.

„Ги повикуваме жителите на Ѓорче Петров на мирен протест на улицата „Борис Сарафов“ пред ОУ „Мирче Ацев“ за регулирање на сообраќајниот хаос и поставување на лежечки полицајци и семафор на самата улица со цел зголемување на безбедноста на сите граѓани“, стои во повикот на загрижените жители.

Инаку, десет годишно момче во неделата беше удрено од автомобил на оваа улица. Истото се наоѓа надвор од животна опасност, но поради сериозните повреди е задржано во болница.

Жителите по несреќата револтирани од големиот број сообраќајни несреќи во кои најчесто жртви се нивните најмили ја блокираа улицата и ги отпочнаа протестите.