Жителите на Гази Баба револтирани од работата на актуелниот градоначалник и иден кандидат Борче Гергиевски

Откако владејачката СДСМ соопшти дека актуелниот градоначалник на Гази Баба, Борче Георгиевски, повторно ќе трча за градоначалнички мандат на претстојните локални избори, Георгиевски, заблагодарувајќи се на поддршката од партијата, повторно вети „Поинаква Гази Баба“.

Резултати и проекти за секое населено место и маало во Гази Баба – е пораката која ја упати Георгиевски кон жителите од кои ќе ја бара поддршката на 17. октомври.

Граѓаните, пак, на Гази Баба, судејќи по коментарите на социјалните мрежи, се револтирани од досегашната работа во првиот мандат на првиот човек на општината.

Најбројни се забелешките за инфраструктурните проблеми во општината и комуналната нехигиена.

„Дали во последните 4 години сте поминале од Маџари преку кванташки кон Бриколаж? Сте ги поминале ли оние шини кај МЗТ. Шини по кои последен пат воз поминал во 1987 година. Од тогаш наваму 35 години десетици и стотици илјади возила дневно минуваат од таму и си ги оштетуваат предниците, амортизерите, гумите...ама овој градоначалник, не најде време за 4 години да тргне 5 метри шини и да асфалтира 150-200м2 “, гласи еден коментар.

„Нека научи до кае е општина Гази Баба. Една лопата нема фрлено во Трубарево, Колонија, Идризово, Хиподром...Со што заслужи друг мандат“, пишува еден жител на Гази Баба.

„Ама овојпат побрзо да трча, пошто за 4 години од ветеното ни пола не направи!“, констатира друг жител.

„Жив срам, еден плоштад во Гази Баба, тој во Автокоманда, не успеа, или не гледа да го среди ил иодржува како што го наследи. Ѓубре, смрдеа, не исчистени плочки, скршени клупи, несредени детски реквизити...Со среќа на изборите, ќе му треба“, гласи коментар на револтирана жителка која нагласува дека во истиот тој парк дрвца се садат во јуни кога истовремено се сушат.

„А до каде е новото училиштe ООУ Крсте Мисирков Г-не Георгиевски ,тоа што го вети на патрониот празник на училиштето. А и се што ветивте за Тодор Чопов, Житиште не се гледа ништо. Сите на зборови сме јаки и кога ќе дојдат избори, а во овие 4 години ништо не е сработено како што треба. Или ставивте рампа за тој дел на Ченто“, прашува една граѓанка.

Друг проблем на кој алармираат жителите на оваа скопска општина е проблемот при упис на децата во градинките.

Реагираат дека, ако има места во градинките во Гази Баба како што тврди градоначалникот, зошто тогаш со години се чека. „Ние 3 години чекаме за да не повикаат за во градинката во Хиподром“, пишува една мајка.

„Моето дете е запишано пред 2 години и сеуште не е примено во градинката во Хиподром. Јас поради тоа сум дома, не можам да тргнам на работа. Всушност бараат потврда од двајцата родители дека се вработени, а јас како да тргнам, кога треба првин детето да биде во градинка. Кој мене да ми го чува детето додека да тргне и да се адаптира на новата средина. Едно се ветува друго се постапува“, гласи коментар на друга мајка од Хиподром.

„Што е со недостатокот на градинки во населба Ченто? Единствен начин да тргне дете во градинка во населбава е со врски инаку се чека 2, 3 па и 4 години. Кога ќе направите нови градинки? Секое дете треба да си има место во градинка кога двајца родители работат“, пишува друга мајка.