Жителите од Кисела Вода цела недела ќе протестираат се додека не биде дислоциран Центарот за зависници

Жители од Кисела Вода цела недела ќе протестираат се додека не биде дислоциран Центарот за зависници. Тие стравуваат за нивната безбедност и безбедноста на нивните деца бидејќи, како што велат, во дворот на Центарот за зависници постојано наоѓаат медицински отпад. Тие посочуваат дека зависниците кои го посетуваат Центарот крадат автомобили.

Градоначалникот на општината, Филип Темелковски им се обрати на протестантите и посочи дека се во интензивна комуникација со Министерството за здравство и оти оттаму доставиле предлог за решавање на проблемот.

– Во текот на оваа и наредната недела да се зголеми капацитетот на вработените во болницата со тоа што да се наложи да не се дава терапиите да се примаат надвор од болницата. За три месеци да се почне со намалување на бројот на корисници, а за шест месеци да се заврши со целосната процедура – рече Темелковски, образложувајќи го предлогот од ресорното Министерство.

Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека активно се работи на изнаоѓање нов објект во кој ќе биде сместен Центарот за зависници.

– Има три објекти на периферија на Скопје и сега утврдуваме дали тие може да се адаптираат и реновираат и да се даде малку поинаков тип здравствена услуга за тие зависници, затоа што има нови модели на терапија и нов пристап. Сакаме новиот објект да ги задоволи сите стандарди и да може дополнително да се зајакне услугата во смисла на квалитет – изјави Филипче, кој рече дека за релативно брзо време ќе го имаат решението.